2015-10-22 10:35:00

Равази: Семејството место за дијалог со оние кои не веруваат


Споредбата меѓу Синодата и Соборот на апостолите во Ерусалим, библиските корени, кои се однесуваат на дебатата за децентрализацијата на Црквата, како и дискусија за служењето на светипетровиот наследник: тоа беа некои од темите за кои зборуваше кардинал Џанфранко Равази, во интервју за Радио Ватикан

„Би сакал да кажам дека целиот пат на Новиот Завет е обележан со непрекината златна нишка, поврзана со пораката на Исус Христос, која продолжува и денес. Во исто време, постојат различни отстапувања од ова послание во многу форми. Доволно е да се размислува за споредбата меѓу пораките на четирите Евангелија, во кои се забележува различна чувствителност.

Токму по прашањето за бракот и неговата неразрешливост, гледаме дека позицијата на Марко е радикална, каква што е и во тврдењето на самиот Христос. Матеј се придржува кон истиот радикализам, но воведува еден мистериозен исклучок, што сугерира дека го чувствува и го разбира, пасторалниот проблем во неговата комплексност. Пример за тоа е токму Синодалното искуство во Ерусалим за „помирување“. Според Делата на светите апостоли: 15 глава, дефинитивно има разлика помеѓу различните позиции на Црквите со јудео-христијанско и Црквите со паганско потекло. Од друга страна, постои обид да се дојде до компромис, преку декрет на т.н. Собор во Ерусалим. Тоа е компромис, кој сепак не го решава целосно проблемот. Тој ќе биде решен постепено во текот на историјата на христијанството.

Папата воведе две силни теми: темата на децентрализацијата и онаа за повторна дискусија за служењето на светипетровиот наследник. Имаат ли овие две прашања библиски корени или не?

Се разбира, имаат сериозна основа во Новиот Завет, бидејќи во него ја имаме, од една страна, претставата за Свети Петар - во нашата свест се сликите на карпата, на клучевите, врзување и одврзување, со својата длабока доктринална, не само практична, пасторална замисла. Постои, сепак концептот за врзување и одврзување што, во глава XVI според евангелието на Матеј е доделена на Петар, а - во глава XVIII - на сите апостоли заедно.

Типологијата на читање на христијанското послание, присутна во четирите Евангелија е многу различна, одвоена, постои типологија на изборот на свети Павле, која ја одразува разновидноста во неговата заедница. Значи, од една страна, постои распознавањето на централната оска, која е Христос - Петар, но од друга страна постои вонредно богатство и разновидност во рамките на одделните заедници со присуство на апостолите.

„Токму во таква светлина може да се гледа целиот Нов Завет, имајќи ја во предвид не оваа двојност, туку овој хармоничен контрапункт на создавање на хармонија: затоа ова не е дијалектика, туку е испреплетување на позиции на ситуации, кои се различни, но теолошки и пасторално оправдани и потребни“.

На прашањето за дијалогот со оние кои не веруваат, кое беше актуелно за време на Синодата и многу блиску до срцето на кардиналот Равази, како и за семејствата на неверниците, кардиналот одговори: „Да размислиме за т.н. бракови со нееднаквост во култот, односно може да се каже дека во основата постои меѓурелигиски дијалог. Неопходно е да се нагласи дека не станува збор за чисто правно прашање, или дури за литургиско - пасторално, туку дека тоа е непроценлива можност да се етаблира меѓурелигискиот дијалог на прво место, а исто така и дијалогот со неверниците. Бидејќи - како што знаеме - семејството претставува средината во која може да се случи токму онаа реалност која се обидуваме да ја изградиме во поширок хоризонт, реалноста на дијалогот.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.