2015-10-09 10:35:00

Кардинал Ердо: Црквата е сведок на Божјото милосрдие


По воведното обраќање на папата Фрањо при отворањето на Епископската синодата, работниот дел продолжи со извештај на кардиналот Петер Ердо, главен известувач на Синодата. Неговиот говор беше фокусиран на три главни моменти: предизвиците, повикот и мисијата на семејството.

Предизвиците за семејството

Предизвиците на кои современото семејство треба да одговори се многу и кардиналот Ердо потсети на главните: миграциите, социјалната неправда, ниските плати, трудовата мобилност, нискиот наталитет, насилството над жените кои се често принудени да абортираат, насилната стерилизација. „Институциите сѐ уште се слаби, а луѓето се плашат од донесување на конечни одлуки, бидејќи се концентрирани само на сегашноста во која личните желби се претвораат во вистински права“, констатира унгарскиот кардинал.

Индивидуализмот ги поместува границите на бракот и семејството

Зголемениот индивудиализам ги нарушува границите на фундаменталните институции како што се бракот и семејството, а потрошувачкото општество ја дели сексуалноста од прокреацијата, претворајќи го така човечкиот живот и родителството во "монтирана и размонтирана реалност“, објасни кардинал Ердо.

Неразрешливоста на бракот не е товар, туку дар

„Бракот и семејството не ги изолираат луѓето, туку ги пренесуваат вредностите и нудат незаменлива можност за развој на личноста“, истакна главниот известувач на Синодата посветена на семејството. „Токму од неразрешливоста на бракот произлегува повикот за семејство, еве зошто неразрешливоста на бракот не е товар, туку дар“, објасни кардиналот. „Бракот и семејството изразуваат, на посебен начин, дека човечкото суштество е создадено по Божји лик и подобие, а разликата меѓу мажот и жената служи за заедништвото и прокреацијата“.

Во семејството се учи она што е општо добро

Кардиналот Ердо ја истакна важноста на промовирањето на достоинството на бракот и семејството, бидејќи тие се „заедници на живот и љубов“. „Семејството е домашна црква, базирана на светата тајна брак помеѓу двајца христијани, а исто така е животен принцип на општеството“, истакна главниот известувач на Синодата. „Семејството е местото во кое најнапред се учи што е општо добро“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.