2015-10-02 13:31:00

Папата со новинарите: Градењето ѕидови не е решение


Од злото на сексуална злоупотреба до големиот проблем со бегалците во Европа, од Синодата за семејството до повикот на совеста се прашањата на кои папата Фрањо одговараше на новинарите во текот на летот кон Рим, на враќање од Филаделфија.

На вообичаената конференција за печатот која траеше 50 минути, Папата зборуваше и за мирот во Колумбија, за желбата да ја посети Кина и за улогата на жената во Црквата. Пред враќањето во Ватикан, Светиот Отец отиде да се заблагодари на Богородица во базиликата Света Марија Велика.

Ме изненади срдечноста на луѓето – со тие зборови папата Фрањо ја започна конференцијата осврнувајќи се на пречекот на кој наиде во САД и ја истакна големата побожност на народот. Тоа е предизвикот на Црквата во САД да биде близу до луѓето, не смее да биде одделена од народот и таа тоа добро го сфатила – рече Папата.

Одговарајќи на прашање за сексуалната злоупотреба почнувајќи од членовите на клерот, Светиот Отец го истакна големото страдање на американските епископи на кои им се обрати во Вашингтон. Многумина од нив многу трпеле заради тоа – рече Папата и многу јасно истакна колку е страшно тоа зло кое го нарече светогрдие. Кога некој свештеник ќе направи такво дело, го предал своето звање, Господовиот повик. Меѓутоа – според зборовите на Папата - виновни се и тие кои ги прикривале тие работи, а меѓу нив се и некои епископи. Што се однесува до простувањето во тие драматични ситуации, папата Фрањо рече дека ги разбира жртвите и нивните семејства кои не можат да простат. Ги разбирам и не ги судам, туку молам за нив – рече Светиот Отец.

Одговарајќи пак на прашање за проблемот со бегалците во Европа Светиот Отец зборуваше за Африка како долго злоупотребуван континент и повика наместо да се злоупотребува некој континент или некоја земја да се вложува во нив за тамошниот народ да има работа и така да се избегнат кризи. Потоа ги критизираше ѕидовите кои повторно се дигаат во срцата. Сите ѕидови еднаш ќе се срушат: денес, утре или после 100 години. Затоа тоа не е решение. Ѕидовите не можат никогаш да бидат решение: напротив, мостовите можат - истакна Светиот Отец.

Папата опширно зборуваше за семејството од аспект на синодата и посебно за реформата за ништовноста на женидбата. Тие кои мислат на „католички развод“ грешат – истакна Светиот Отец – бидејќи последниот документ ја затвори вратата на разводот кои би можел полесно да се остварува административно. Меѓутоа и понатаму тоа ќе биде судска постапка – истакна Папата. Motu propriо ја олеснува постапката, но тоа не е развод, бидејќи бракот е неразрешлив кога тој е света Тајна и Црквата тоа не може да го промени – објасни Папата. Правната постапка постои за да се докаже дека тоа што изгледало света тајна не било света тајна заради недостаток на слобода на пример или заради недоволна зрелост или заради ментална болест... објасни Светиот Отец.

Што се однесува пак до проблемот на друг брак, разведените луѓе кои влегуваат во нова заедница, Папата рече дека му изгледаат малку површно зборовите дека решението за тие луѓе е да можат да пристапуваат на Причест. Тоа не е решение – истакна Папата и спомнувајќи ги другите пасторални проблеми како младите кои не сакаат да се венчат, Папата поттикна на читање на документот'Instrumentum laboris' и кажа дека на синодата треба добро да се размисли како да се подготват младите за брак. Таа е една од најтешките работи – истакна Светиот Отец.

На прашање за повикот на совеста посебно што се однесува до државните службеници кои во САД одбиле да потпишат документи за „истополови бракови“, Папата рече дека повикот на совеста е човеково право и ако на некој човек совеста не му дозволува му се негира едно негово право.

Светиот Отец зборуваше и за војните и побара да се избегнуваат бомбардирања кои донесуваат смрт и крвопролевање, а потоа изрази желба да ја посети Кина. Се надевам дека ќе има можност за добри односи. Да се има за пријател земја како што е Кина која има голема култура и многу можности за остварување на добра за мене би била голема радост – нагласи Светиот Отец.

Папата Фрањо ја истакна и важната улога на жената во Црквата и рече колку чесните сестри се сакани во САД. Притоа нагласи дека женско свештенство не може да биде како што тоа го истакна и свети Иван Павле II – потсети папата Фрањо. Меѓутоа во Црквата се поважни жените од мажите – додаде и кажа дека е потребна теологија за жените на која треба да се работи.

Што се пак однесува до успехот кој го постигнал во текот на тоа патување, Папата власта ја нарече служење. Власта е минлива работа: денес ја имаш, утре повеќе ја немаш... Важно е со власта која ја имаш да можеш да правиш добро – истакна Светиот Отец, напоменувајќи дека тој секогаш се чувствува слаб односно без моќ, без власт.

Одговарајќи на крајот на прашањето за својата голема популарност и на забелешката дека многумина го сметаат за „ѕвезда“, папата Фрањо рече дека Папата е слуга на слугите Божји. Тоа е малку поинаку од ѕвезда. Ѕвездите се убави кога ги гледаш, сакам да гледам ведро летно небо... Но, Папата треба да биде слуга на слугите Божји. Колку ѕвездите сме виделе кои се гасат и се палат... Тоа е нешто минливо. Напротив да се биде слуга на слугите Божји е многу убаво! Никогаш не поминува! – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.