2015-09-25 11:14:00

Папата се обрати до американските епископи


Божјите слуги не треба да користат агресивен јазик и не треба да се ограничуваат само со „повици и надворешни најави“, туку да освојат простор во срцата на луѓето без да го претвораат крстот во знаме за световни војни.

Тоа беа главните препораки на папата Фрањо кон американските епископи со кои се сретна во катедралата свети Матеј во Вашингтон. Словото на Папата беше едно од најзначајните од неговата посета на САД и се оценува од специјалистите како мала енциклика, која треба да отвори нова страница во моделот на епископско служење. „Не дојдов да ви судам или да држам предавања“, рече Папата. „Дозволете ми само да ви зборувам како брат меѓу браќата со силата и слободата на љубовта“.

Возбуден, Фрањо заблагодари за „благородноста и солидарноста“ на американските епископи кон Светиот Престол и кон евангелизацијата во многострадални делови во светот. Тој ги увери дека внимателно ги следи нивните напори за интеграција на мигрантите кои продолжуваат да гледаат кон Америка. Целото внимание во говорот на Папата беше посветено на незараснатите рани од скандалите поврзани со педофилијата. „Свесен сум за храброста со која поминавте темни моменти во вашето пастирско служење, без да се плашите од самокритичност, понижување и жртви, за да го вратите авторитетот и довербата како работници на Христос, какви што ве сака вашиот народ“, рече Папата. „Знам колку ви тежат раните во изминатите години и затоа се придружувам кон вашите благородни напори за исцелување на жртвите, со знаење дека сме излечени засекогаш, а овие злосторства никогаш повеќе да не се повторат“.

Радоста да бидеш пастир

„Нашата најголема радост е да бидеме пастири“, а не „луѓе во постојана војна едни против други“, истакна Папата. „Идентитетот на епископот е во вредната молитва, проповедта и пасењето на стадото“. Им препорача на американските епископи дека проповедта не треба да влијае на „сложените доктрини, туку на радосната вест за Христос, кој умре и воскресна за нас“. Исто така, дека не треба да „се пасат себе, туку да умеат да одат по стадото, да се понизуваат и децентрализираат, за да го хранат со Христос, Божјото семејство“. „Тешко ни е, ако го претвориме крстот во знаме за светски војни, заборавајќи дека трајната победа се состои во тоа да се ослободиме и откажеме од самите себе“.

Да се евангелизира Америка е тешка задача

Уште од откривањето, Америка била земјиште за евангелизација, исполнета со контроверзи и можности“, истакна Папата. „Ја познавам тешкотијата да се засева семето на Евангелието во срцата на луѓето дојдени од различни континенти, закоравени од макотрпниот пат. Не ми се непознати тешкотиите на Црквата да се вкорени во долини, планини, градови и предградија на територии, често непријатни, чии граници се секогаш привремени.

Не плашете се да барате единството

Папата на американските епископи им го посочи патот на смиреноста и дијалогот со сите: „меѓу епископите, со лаиците, семејството и општеството. „Дијалогирајте храбро“, охрабри Папата. „Ние сме поддржувачи на културата на среќавање. Црквата нема друг пат освен оној на дијалогот. Затоа, не плашете се да го направите потребното за вистинскиот дијалог. Само тогаш може да се разберат мотивите на другиот. Моќта и близината на љубовта чинат повеќе отколку позициите на другиот кои ги сметаме за неспојувачки со нашите цврсти убедувања“. За Папата овој дијалог треба да се води и внатре во самата Црква: „Нашата епископска и приоритетна мисија е да ги поставиме основите на единството ... Тоа е императив, затоа да бидеме над единството, да го чуваме, помагаме и сведочиме како знак и средство, над пречките, што обединува нации, раси, класи и генерации“.

Предизвиците пред Црквата

Во говорот пред американските епископи папата Фрањо ги посочи темите од кои „не може да се избега и не треба да се молчи“: „невините жртви на абортусот, умирањето од глад или деца бомбаши, мигрантите удавени во море во потрага по иднина, постарите или болните кои се сметаат за непотребни, жртвите на тероризмот, на војните, насилството и трговијата со дрога, уништената животна средина од изнудувачкиот однос на човекот кон природата...“ Покрај абортусот, истополовите бракови или еутаназијата, има нешто многу повеќе во животот на мажите и жените од зачнувањето до крајот на животот. Бидете пастири и работници кои се блиску до луѓето“ Таа близина се изразува на посебен начин кон свештениците, истакна Светиот Отец: „Грижете се за нивните духовни извори, за да не западнат во искушение и не се претворат во бирократи и адвокати, туку во израз на мајчинството на Црквата, која раѓа и се грижи за своите чеда“.

Згрижување за мигрантите

Папата го заврши говорот пред американските епископи со охрабрување да ги прифатат мигрантите. „Секогаш сте ги поддржувале, интегрирале и сте ги бранеле нивните права во потрага за просперитет, во зачувувањето на искрата на нивната вера. И денес ниедна американска институција не вложува такви грижи за нив како вашите христијански заедници. Големиот мигрантски бран и сега ги преплавува вашите епархии. Не само како епископ на Рим, туку и како пастир дојден оддалеку, чувствувам потреба да ви се заблагодарам и да ве охрабрам во вашата благородна мисија“.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.