2015-09-11 16:39:00

Црквите и семејствата треба да се отворени и гостољубиви


Светиот Отец зборуваше за блискиот и „природен“ однос помеѓу семејствата и христијанските заедници и ја истакна незаменливата потреба таа врска и тој сојуз денес да се обноват и зацврстат.

Историјата на одењето на Божјиот народ со својот Бог завршува со вечното гледање во небото, но започнува во семејството – истакна Светиот Отец.

Драги браќа и сестри, добар ден! Би сакал денес да го свртам вниманието на врската помеѓу семејството и христијанската заедница. Тоа можеме да кажеме е „природна“ врска бидејќи Црквата е духовно семејство, а семејството е една мала Црква (Lumen gentium, 9).

Христијанската заедница е дом за оние кои веруваат дека Исус е извор на братството меѓу сите луѓе. Црквата оди среде народот во историјата на мажите и жените, татковците и мајките, синовите и ќерките: тоа е историјата која за Господ е важна. Големите настани на световната моќ се запишуваат во историските книги и таму остануваат. Но, историјата на човечките афекти се запишуваат директно во Божјото срце и таа историја останува засекогаш. Таа е место на животот и верата. Ова историја на полнината на животот која ќе заврши во небото, со вечното гледање на Бог, започнува во семејството! И заради тоа семејството е толку важно. Семејството е незаменливо и неизбришливо место за нашето вклучување во таа историја.

На тој пат Божјиот Син ја учел човечката историја и целиот го поминал (Евреите 2,18; 5,8). Убаво е да се размислува за Исус и за знаците на таа врска! Тој е роден во едно семејство и во него учел за светот: една работилница, четири куќи, село во центарот ништо. Но, сепак живеејќи го тоа искуство триесет години, Исус ја апсорбирал човечката состојба, прифаќајќи ја во своето заедништво со Отецот и во своето апостолско послание. Подоцна кога го напуштил Назарет и започнал јавен живот, Исус околу себе собрал заедница, група односно повикани лица. Тоа е значањето на зборот „црква“.

Во Евангелието Исусовата заедница има облик на семејство; гостољубиви семејства, а не затворени секти: во нив ги наоѓаме Петар и Иван, но и гладниот и жедниот, странецот и прогонетиот, грешниците и цариниците, фарисеите и мноштво. Исус не престанува да прифаќа и да разговара со сите, дури и со оние за кои повеќе не се очекува дека во својот живот ќе го сретнат Бог. Тоа е силна поука за Црквата! Учениците се избрани за да се грижат за таа заедница, семејството гостува кај Бог.

За таа реалност на Исусовата заедница и денес да биде жива неопходно е да се обнови сојузот помеѓу семејствата и христијанските заедници. Можеме да кажеме дека семејството и парохијата се две места во кои се остварува тоа заедништво на љубовта чиј конечен извор е во самиот Бог. Вистински евангелска Црква не може да не има форма на гостољубива црква секогаш со отворени врати. Црквите, парохиите, институциите со затворени врати не смеат да се нарекуваат цркви, туку музеи – истакна Папата.

Тоа денес е клучен сојуз. „Против идеолошките, финансиските и политичките „средства на моќта“ да ја ставиме нашата надеж во таа средина на љубовта, да бидеме навестители на Евангелието богато со човечка топлина, засновани на солидарност и учество“ (PONT. CONS. PER LA FAMIGLIA, Gli insegnamenti di J.M. Bergoglio – Papa Francesco sulla famiglia e sulla vita 1999-2014, LEV 2014, 189), како и на меѓусебно простување.

Да се зајакнете врската помеѓу семејствата и христијанските заедници денес е незаменливо. Сигурно потребна е великодушна вера за да се изнајде интелигенција и храброст за тој сојуз да се обнови. Семејствата понекогаш се повлекуваат, тврдејќи дека немаат сили: „Оче, ние сме само едно сиромашно и малку истрошено семејство“, „не сме способни за тоа“, „веќе имаме многу проблеми дома“, „немаме сили“. Вистина е! Но, никој не е достоен, никој не е способен, никој нема сили! Без Божјите милости, ништо не би можеле да направиме. Сè ни се дава бесплатно!

Но, Господ никогаш не доаѓа во ново семејство, а да не направи чудо. Да се сетиме што направил на свадбата во Кана! Да, Господ – ако се довериме Нему во рацете – дава да правиме чуда, но секојдневни чуда! – кога Тој во тоа семејство е присутен.

Секако и христијанската заедница треба да допринесе. На пример да се обиде да надмине многу управни и функционални ставови, давајќи предност на дијалогот, разбирањето и меѓусебното почитување. Некои семејства преземаат иницијатива и се чувствуваат одговорни да ги пружат своите драгоцени дарови на заедницата. Сите треба да бидеме свесни дека христијанската вера се живее на отворено поле на животот кое сите го делат, а семејството и парохијата треба да вршат чуда на близок соживот заради целото општество.

Во Кана била Исусовата Мајка, „Мајка на добриот совет“. Да ги послушаме нејзините зборови: Што ќе ви каже, направете“ (Ив 2, 5). Драги семејства, драги парохиски заедници нека таа Мајка нè вдахнува; да направиме сè што Исус ни кажува и ќе се најдеме пред чудо – пред секојдневно чудо! – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.