2015-09-07 16:25:00

Во Скопје прославен празникот на Мајка Тереза


На 5 септември 2015 година со свечено евхаристиско славење предводено од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов е прославен празникот на блажена Мајка Тереза во нејзината родна парохија Пресвето Срце Исусово во Скопје

Покрај бискупот Стојанов, на евхаристиското славење сослужува и парохот дон Давор Топиќ, свештеници од скопскиот деканат и апостолскиот егзархат, како и генералниот викар на бискупијата Дубрвник, монс. Петар Палиќ.

Свеченоста започна со процесија околу скопската катедрала со пеење на песни од страна на катедралниот хор, предводен од сестра Татјна Атанасова. Сестрите мисионерки на љубовта с. Христина и с. Соња Тереза во процесијата носеа слика на нивната основателка, блажена Мајка Тереза, додека бискупот Стојанов ги носеше нејзиите моштии.

Во проповедта бискупот Стојанов рече: „Првата помисла која ни ја дава пророкот во денешното читање е утешувајте, утешувајте го мојот народ. Зошто е потребна таа утеха? Помина времето на робување и платена е цената за гревот. Во таа порака го гледаме христијанството кое го гради новиот Ерусалим, пратено да ја навести Божјата утеха, бидејќи Бог нѐ ослободи од гревот, смртта и законот како своевидно робување, а во тој ист град Исус Христос со своето страдање, смрт и воскресение ја плати цената за нашите гревови. Да се утеши значи да се даде надеж и сигурност на човекот, потпирајќи се на таа утеха да може да излезе од своето ропство и да се ослободи од своите престапи. Токму тоа е нашата задача како Црква во целиот свет, на луѓето да им се даде утеха која ќе биде повеќе од само ветување, така ќе се гради нов град во кој односите ќе бидат похумани, потолерантни и поубави.

Блажена Мајката Тереза не бираше на кого ќе ја навести радоста за ослободувањето, туку со радост го ослободуваше оној који мал било каква потреба, наоѓајќи се пред нејзиниот животен пат. Да молиме застапништво од блажена Мајка Тереза токму за овие дарови на Светиот Дух. Да молиме за радост и утеха кои можат трајно да се исполнат преку нашето служење на ближните. Пратени сме да одиме и да бидеме сведоци за оној на кој му веруваме, на она за што сме повикани и за она што од нас очекува Бог и Црквата“, порача бискупот Стојанов.

На крајот од хомилијата бискупот Стојанов рече дека денес во оваа скопска парохија ја започнуваме побожноста кон блажена Мајка тереза. Секој „Петок во месецот“ ќе биде поклонички ден во Скопје, каде на Евхаристиското славење заедно со поклоници од други парохии од нашата месна Црква ќе молиме за нејзиното застапништво во животот и посланието

Пред завршната молитва бискупот Стојанов пред моштиите на блажена Мајка Тереза измоли молитва до неа, а после благословот следуваше почитување на моштиите на блажената.

к.мк/РВ








All the contents on this site are copyrighted ©.