2015-09-02 17:00:00

Папата Фрањо за опростувањето Јубилејната година


Папата Фрањо испрати писмо до надбискупот Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за поттикнување на новата евангелизација, за опростите во Светата година на милосрдието.

Во писмото Светиот Отец ги наведува бројните можности за стекнување на јубилеен опрост, на сите свештеници за време на Јубилејната година им се дава овластувањето за одрешување од гревот абортус, а на свештениците на традиционалистичкото братство на свети Пиј X им се доделува овластувањето за валидно и законско исповедување.

Моја желба е Јубилејот да биде живо искуство на Татковската близина, за да се зајакне верата на секој верник и неговото сведоштво да стане што поделотворно, пишува папата Фрањо. За таа цел, тој наведува многу прилики за стекнување на јубилеен опрост. Прво, може да го добијат сите верници што ќе ја поминат Светата врата, која ќе биде отворена во сите катедрали или цркви со одлука на месниот епископ, како и во четирите Папски базилики во Рим. Опростот, исто така, може да се добие и во светилиштата во кои има отворено Врата на милосрдието како и во традиционално јубилејните цркви.

Важно е пред сѐ да се поврзе тој момент со светата Тајна исповед и славењето на светата евхаристија, со размислување за милосрдието. Ќе биде потребно славењето да биде пропратено со исповед на верата и молитва за мене и за наканите кои ги носам во срцето за доброто на Црквата и целиот свет, пишува папата Фрањо.

Потоа, Јубилејниот опрост може да го добијат и оние лица кои поради посебни причини, како што се болест или старост, не можат да поминат преку Светата јубилејна врата. На нив од посебна корист ќе им биде ако ја живеат својата болест и страдање како искуство на близина со Господ, кој во таинството на својата мака, смрт и воскресение го покажува возвишениот пат и осаменоста дава смисла. Тие ќе можат јубилејниот опрост да го добијат ако со вера и радосна надеж го живеат своето страдање и ја примат причеста или учествуваат на света литургија и заедничка молитва, дури и по пат на различните средства за комуникација“, истакнува Папата во пораката.

Папата не ги заборава и затворениците, и тие ќе можат да добијат јубилеен опрост во затворските капели.

Сѐ пораспространетиот менталитет на безчувствителност доведе до губење на чувството за прифаќање на новиот живот, а трагедијата на абортусот некои ја доживуваат површно, како да не го разбираат крајното зло кое тој чин го повлекува со себе, пишува Папата. Но, Божјиот опрост не може да им се скрати на оние кои се покајуваат, посебно ако со искрени срца пристапуваат кон светата Тајна исповед. Поради тоа, стои во писмото на Папата, одлучив на сите свештеници во Јубилејната година на милосрдието да им дадам овластување за одрешување од гревот абортус.

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.