2015-08-19 20:01:00

Амнести интернејшенел бара легализација на проституцијата


Генералниот секретар на здружението, Салил Шети, рече дека 11 август, на денот кога е објавена поддршката за неказнивост на проституцијата, е „историски ден за Амнести интернејшенел“. Според здружението, легализираните „сексуални услуги“ би требало да придонесат за подобра организација на сексуалната индустрија и за намалување на експлоатацијата и злоупотребата на жените.

Меѓутоа, како што пренесува Catholic News Agency, Тина Фрундт, основателка на здружението Courtney's House кое помага на жените и децата во излекување на траумите од сексуалната трговија и злоупотреба, вели дека легализацијата на проституцијата е промашен и неуспешен проект, како што се примерите во Германија и Холандија. Како што објаснува Фрундт, која и самата била жртва на сексуалната трговија, многу бордели во Германија или во Амстердам набавувале лажни лични карти за малолетнички или жени кои присилно биле доведувани од другите земји со цел да се продаваат на легалниот пазар. За подземниот свет на проституцијата, глобално неказнувањето е нешто најубаво што може да се случи – изјави Фрундт.

Кендис Вилер, која работи како терапевт во Здружението Restoration Ministries и им помага на жртвите од сексуалната трговија, истакна дека легализацијата на проституција би имала опасни последици. Како што објасни, Амстердамскиот „толерантен модел“ не е успешен затоа што не ги штити жените кои се занимаваат со проституција, бидејќи воглавно станува збор за девојки кои се увезени од другите држави.

Повеќе познати личности, како Кејт Винслет, Ен Хатавеј и Мерил Стрип, заедно со жртвите од сексуалната трговија потпишаа писмо во кое од Амнести интернејшенел бараат уште еднаш да ја преиспита својата одлука со која ја поддржуваат неказнивоста на глобалната сексуална индустрија. Сѐ повеќе докази укажуваат на катастрофалните ефекти од легализирањето на сексуалната трговија. Напротив, таа само ја зголемува трговијата со луѓе - се вели во писмото.

Во писмото исто така се наведува дека легализацијата за проституција ќе ги претвори сопствениците на борделите само во работодавци, а жените во „договори“ и дека нема да направи ништо за жените кои се присилени на проституција – само на сексуалната индустрија ќе ѝ се даде зелено светло за да може да напредува. На крајот од писмото потписниците тврдат дека угледот на Амнести интернејшенел ќе биде тешко и неповратно оцрнет доколку застане на страната на макроата и други експлоатори, а не на страна на жртвите од екслоатацијата.

РВ/З.А.








All the contents on this site are copyrighted ©.