2015-08-14 19:51:00

Кардинал Паролин славеше Литургија во богословија во Дили


Како што веќе јавивме кардинал Пиетро Паролин Папскиот државен секретар престојува во Азија. По посетата на индонезискиот главен град, кардиналот пристигна во Источен Тимор, во градот Дили каде што во богословијата славеше света Литургија.

Во семинаријата треба да се живее секој ден, подготвувајќи се да бидете „ученици мисионери“. Секој ден обновувајте го чувството за бесплатност на својот повик и изборот на секој од нас, кој никој не го заслужува, потсети Светиот Отец на 8 јули на средбата со клерот во Еквадор.

На тоа уверување на Папата кардинал Паролин ја заснова својата проповед на Литургијата во богословијата во Дили. Што се бара секој ден од вас?, праша кардиналот зборувајќи на богословите, идните свештеници и нивните воспитувачи. Од вас во прв ред се бара искрено и убедливо да влезете во формацијата. Бог ве повикал, а вие верно и храбро сте му одговориле. Сте дошле во семинаријата за да се уверите, да ја сфатите и разберете важноста на тој повик – истакна кардинал Паролин.

Од таа проверка, продолжи кардиналот, треба да потекне друго прашање: „Господ навистина ме повикува?“ На тоа прашање одговор наоѓаме во Светото Писмо во зборовите на пророкот Јеремија: „Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив.“ Се додека престојувате во семинаријата, во вашите срца треба да престојува тоа длабоко уверување. Господ ве повикува, Он ве избрал, Бог ве држи за рака и ве води да работите во неговото лозје – рече кардинал Паролин.

Тој повик секој ден сѐ подобро се сфаќа ако во семинаријата се живее заради раст, со помош на духовен водач, во човечноста и заради развивање на способности за комуницирање со народот; без разлика дали на интелектуално ниво се стекнува знаење или на духовно, развивајќи однос со Бог сфаќајќи како Исус е милосрдното лице Божјо. Треба во длабочината на срцето да искусиме дека Бог нè избрал за да бидеме негови ученици, подготвени да дадеме љубов и милосрдие на другите – рече кардиналот, додавајќи:

Главна задача на свештеничката служба и делување е да оди на периферијата, да оди кај оние кои живеат на периферијата, физички и општествени, психолошки и духовни; со други зборови кои се приморани да живеат одвоени од другите, повторно да ги вклучиме во Божјото семејство и во општеството на кое припаѓаат – заврши кардиналот Паролин..

РВ/к.мк/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.