2015-08-05 17:47:00

Македонска група присуствуваше на средбата во Израел


Втора година по ред, група од Македонија учествуваше на Mеѓународната средба на млади "Week of the world", која се одржа од 26 јули до 2 август 2015 година во Израел, а присуствува млади од Македонија, Израел, Бразил, Јордан и Италија на возраст од 15-19 години. На оваа средба беа присутни осум млади од Македонија (четири од Скопската Бискупија и четири од Апостолскиот Егзархат во Македонија) заедно со нивниот водач дон Јошт Мезег.

Поклоничките групи пристигнаа во недела 26 јули, а средбата беше официјално отворена во понеделник 27 јули и веднаш потоа учесниците беа поделени во групи.

Во вторник, 28 јули програмата се одвиваше во пустината Негев. Групата пристигна во пустината во ноќ, кога веќе беше темно. Утрото го дочекаа изгревањето на Сонцето кога можеше да се види целата убавина на пустината. Сето тоа се одвиваше во тишина и размислување. Секој се обиде да ги остави настрана предрасудите и да погледне пред себе.

Во среда 29 јули учесниците имаа голем број активности во групите и меѓу групите. Преку разни игри и работилници, младите ја осознваа главната тема на овогодинешната средба „Простување, нешто непознато".

Во четврток 30 јули го посетија селото Бирам - местото каде што е роден и крстен претходниот архиепископот на Мелкитската Католичка Црква во Ака, Хаифа, Назарет и Галилеја, Неговата Екселенција д-р Елијас Хакоур, кој поради тешката ситуација со властите морал да го напушти неговото родно место заедно со другите сожители. Во селото сѐ уште уште има остотоци од црквата и стара синагога која потекнува од првиот век.

Во петок 31 јули, учесниците на средбата ја посетија католичката катедрала Свети Илија во Хаифа.

Во сабота 1 август секоја од групите подготви своја програма на која присуствуваа и локалните жители, како и сите оние кои беа заинтересирани за работата на младите во рамките на средбата „Week of the world“.

Последниот ден од посетата на Израел за македонската група беше наменет за ходочастие во Светиот Град, Ерусалим. Посетата беше исполнета со молитва и читање на делови од Библијата за секое место кое што беше посетено. Со Божји благослов од Светиот Гроб, македонската група духовно збогатена, се врати во Македонија.

 

к.мк/Б.Р.








All the contents on this site are copyrighted ©.