2015-07-11 10:49:00

Папата во Парагвај: Политика со приоритет на сиромашните


На церемонијата на дочекот на аеродромот, Папата беше пречекан од претседателот Хорасио Картес и со импозантна уметничка програма од песни и хорови гуарани.

Првата јавна средба на папата Фрањо се одржа во градините на Паласио де лос Лопез, претседателската палата во Парагвајската престолнина Асунсион, со властите во земјата и со дипломатскиот кор.

Во својот поздравен говор, Светиот Отец искажа благодарност до парагвајскиот претседател за топлото добредојде и преку него се заблагодари и на целата влада, како и на Парагвајскиот народ.

Специјална благодарност Папата упати до сите луѓе и институции кои придонесоа за успешна подготовка на неговата посета: „Парагвај е земја позната како срце на Америка, не само поради својата географска положба, туку и поради топлото гостопримство и близината на луѓето“, истакна папата Фрањо.

Во говорот Неговата Светост истакна дека „уште со првите чекори како независна нација и до не така одамна, Парагвај имаше доживеано страшно страдање за време на војната, на братоубиствениот конфликт, на недостатокот на слобода и кршење на човековите права ... Тука, во градините на овој дворец, сведок на историјата на земјата ... сакам да им оддадат почит на илјадниците обични парагвајци, чии имиња можеби нема да се појават во учебниците по историја, но кои беа и ќе бидат главни актери во животот на својот народ“.

Папата ја истакна и улогата на парагвајската жена во драматичните моменти од историјата на земјата: „Мајки, сопруги и вдовици ја носеа на грб најголемата обврска, тие успеваа да се грижат за своите семејства и за својата татковина, вдахнувајќи ја во новите генерации надежта за подобра иднина“.

Папата Фрањо потврди дека „народ, кој го заборава своето минато, историја, корени, нема иднина. Сеќавањето кое цврсто се потпира на правдата, го отстранува чувството за одмазда и омраза, го претвора минатото во извор на инспирација за подобрување на соживот и хармонија, осознавајќи ја трагедијата и апсурдноста на војната. Никогаш повеќе братоубиствена војна! Секогаш да градиме мир!“, апелираше Светиот Отец.

На крајот од своето слово папата Фрањо, од името и на Парагвајските епископи, ја гарантира соработката на Католичката Црква за општото добро при градењето на фер и инклузивно општество во кое сите ќе живеат заедно во мир и хармонија. Папата Истакна: „Бидејќи сите, вклучувајќи ги и црковните пастири, сме повикани да се грижиме за изградба на подобар свет (Evangelii gaudium, 183).

РВ/В.Н.








All the contents on this site are copyrighted ©.