2015-06-27 16:43:00

Папата: Световните пастири повеќе зборуваат помалку слушаат


„Квазихристијани“ и „квазипастири“ – прават добри работи, премногу зборуваат, но не знаат да слушаат. Не се во состојба да го извршат она што го слушаат; го извршуваат она што самите го зборуваат, својата сопствена, а не Божја работа.

Народот знае кога пастирот ја има она доследност која му дава авторитет – рече папата Фрањо на светата Литургија на 25 јуни во домот Света Марта, размислувајќи за разликите помеѓу вистинските навестители на Евангелието и „квазипророците“. Луѓето го следат Исус воодушевени, бидејќи „ги учел како оној кој има власт“, а не како книжниците. Папата затоа напомена дека луѓето гледаат и знаат кога свештеникот, епископот или катехистот поседуваат доследност која му дава власт. Исус понатаму ги предупредува своите ученици да се чуваат од лажните пророци и објаснува како да ги разликуваат вистинските од „квазипророците“. Клучни се три збора: „да зборуваш, да извршуваш и да слушаш.“

Пред сè Светиот Отец ја истакна Исусовата опомена: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно.“ Како што рече Папата таквите говорат и работат, но им недостасува основниот став на слушање. Затоа Исус вели „Секој што ги слуша и исполнува...“ – затоа што не е доволно само да зборуваш и извршуваш. Правилниот спој е слушање и извршување.

Оној кој ги слуша зборовите, но не ги исполнува односно не ги сфаќа сериозно зборовите и не ги спроведува во пракса, тој ќе биде како куќа изградена на песок. А знаеме кој е резултатот – рече Папата. Кога Исус го опоменува народот да се чува од „квазипрорците“, им вели дека ќе ги препознаат по плодовите и по нивното однесување: многу зборови, говори, вршат чуда, прават големи работи, но немаат отворено срце за да го слушаат Божјото Слово; се плашат од тишината на Божјото Слово. Тие се „квазихристијани“ и „квазипастири“. Навистина, прават добри работи, но им недостига карпата – рече папата Фрањо.

Ја немаат „карпата на Божјата љубов , карпата на Божјото Слово“. А без неа – предупреди Светиот Отец – не можат да пророкуваат ниту да градат и на крајот сè се срушува. Тие се според зборовите на Папата, световни пастири, христијани кои премногу зборуваат, кои се плашат од тишината можеби дури и премногу работат. Но не се во состојба да го извршат она што го слушат; го извршуваат она што сами го зборуваат, својата сопствена, а не Божјата работа.

Папата Фрањо затоа поттикна на ум да ги имаме трите клучни зборови: да извршуваме, слушаме и говориме. Ако некој само зборува и исполнува, тој не е вистински пророк, не е вистински христијанин и на крајот сè му се срушува. Цврст пак останува оној кој слуша и потоа исполнува, не со сопствена сила туку со Божјото Слово дури и ако се работи за понизна личност која не се прави важна – рече Папата напоменувајќи дека постојат мноштво такви великани во Црквата: големи епископи, свештеници и верници кои знаат да слушаат и врз основа на тоа да извршуваат.

Како пример од нашите денови Светиот Отец ја наведе Мајка Тереза која како што рече не зборувала, во тишина знаела да слуша и многу направила. Не се срушила ниту таа, ниту нејзиното дело. Великаните знаат да слушаат и исполнуваат, бидејќи нивната доверба како и силата е заснована на карпата на љубовта Исус Христос – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.