2015-06-19 10:35:00

Папата: Исправно молиме ако му простиме на ближниот


Христијанинот треба да биде свесен дека без помошта Господова не може да напредува на животниот пат – истакна папата Фрањо на светата Литургија на 18 јуни во домот Света Марта, нагласувајќи дека можеме исправно да молиме само ако му простиме на својот ближен. Во проповедта Светиот Отец се концентира на три клучни зборови: слабост, молитва и простување. Рече дека сите сме слаби, бидејќи ја носиме раната на прародителскиот грев. Како што рече Папата, слаби сме, се лизгаме во гревовите и не можеме да напредуваме без помошта Господова.

Оној кој мисли дека е силен и самодоволен во најмала рака е наивен, а на крајот го поразуваат бројни слабости кои ги носи во себе. Слабоста нè води до тоа од Господ да бараме помош бидејќи – како што молиме – во нашата слабост ништо не може без неговата помош. Не можеме да направиме ниту еден чекор во христијанскиот живот без помошта Господова – потсети Папата и предупреди: оној кој е на нозе нека внимава да не падне, бидејќи е слаб.

Сите ние имаме вера и сите сакаме да напредуваме во христијанскиот живот, но ако не сме свесни за своите слабости, сите ќе бидеме поразени. Заради тоа како што рече папата Фрањо, убава е ова молитва: „Господи, знам дека во својата слабост ништо не можам без твојата помош.“

Зборувајќи за молитвата, папата Фрањо потсети дека Исус нè учи како да молиме – но не како паганите – кои мислат дека ќе бидат услишани заради мноштвото зборови. Мајката на Самуил во Библијата молела за милост да добие син. Молејќи само ги движела усните и не можела да зборува. Така се моли пред Господ – рече Папата.

Затоа што сме свесни дека Бог е добар, дека знае сè за нас и знае што ни е потребно, молитвата да ја започнеме со повикот „Оче“. Тој е човечки збор, но во молитвата можеме да го кажеме само со силата на Светиот Дух. Да ја започнеме молитвата со силата на Духот кој моли во нас – поттикна Папата – да молиме така, едноставно: со срца отворени за присуството Божјо, кој е Отец и знае што ни е потребно и пред да кажеме.

На крајот Папата обрати внимание на простувањето, истакнувајќи како Исус ги поучува учениците дека ако тие не простат на другите, ниту Отец нема на нив да им прости. Исправно можеме да молиме и на Бог да му кажеме „Оче“ само ако нашето срце е во мир со другите, со браќата. Како што поттикна папата Фрањо било што ближниот да ни направил да простиме како што Отецот ни простува. Така нашата слабост со Божја помош во молитвата станува сила, бидејќи простувањето всушност е тоа – голема сила. Треба да бидеш силен за да простиш, но таа сила е милост која треба од Господ да ја примиме, бидејќи ние сме слаби – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.