2015-05-26 17:26:00

Папата: Богатството треба да служи за општо добро


На камилата и иглените уши односно како „занесот“ за Христос многу брзо може да се преобрази во „жалост и затворање во самиот себе“, потсети папата Фрањо, зборувајќи за средбата на Исус и богатото момче кое ги запазил сите заповеди и го прашува Исус што уште треба да направи за да може да го следи. Папата го истакна Исусовиот одговор: „Само едно ти недостига“, односно да ги распродаде сите добра и парите да ги даде на сиромасите.

Во момчето веднаш исчезнала радоста и надежта, бидејќи не сакал да се откаже од своите добра. Приврзаноста на земските добра секогаш е извор на секаква корупција: лична, работна, трговска, политичка, воспитна... Зошто? Бидејќи сите оние кои се надеваат во својата моќ и своето богатство мислат дека живеат во рај. Затворени се без хоризонти и надеж. На крајот мора да остават сè – објасни папата Фрањо.

Зборувајќи за богатството рече дека поседувањето на материјални добра има таинствена моќ. Богатството поседува моќ за заведување, нè наведува да се замислуваме во земскиот рај. Напротив, тој земски рај е без хоризонт сличен е на тврдина која заштитува од крадци. Стерилен е животот без хоризонти, тажен и безнадежен – истакна Светиот Отец.

Приврзаноста на материјалните добра донесува жалост, нè прави стерилни. Приврзаноста, а не управувањето со добрата, бидејќи богатството е за општо добро, за сите луѓе. Ако Бог на некој човек му дал материјални добра во изобилство, тогаш тој човек треба да ги стави на располагање на сите, а не во нив себично да ужива, да ги затвори во своето срце кое потоа станува расипано и тажно – рече Папата.

Богатството без великодушност нè залажува дека сме моќни, дека сме како Бог, а на крајот ни го одзема она најдоброто, ни ја одзема надежта. Исус во првото блаженство вели како треба да постапуваме со материјалните добра: Блажени се бедните по дух..., тоа значи дека материјалните добра треба да служат за општото добро. Со добрата правилно се постапува само ако великодушно се отвора раката, срцето и хоризонтот – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.