2015-05-18 12:10:00

Папата: Четирите нови светици се сведоци на љубовта кон сите


Да се остане во Бог и во Неговата љубов, за да се навестува со зборови и со животот воскресението Исусово сведочејќи единство меѓу себе и љубов кон сите – истакна папата на Литургијата за канонизација на новите во недела 17 мај на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Овие зборови Светиот Отец ги упати на присутните верници, но и на сите верници на Католичката Црква.

Папата истакна како новоизбраниот апостол Матиј не примил некоја работа, туку служба – служење. Петар тоа го дефинира вака: „И така, потребно е пак еден од оние луѓе, што беа со нас за сето време, додека пребиваше и општеше со нас Господ Исус, почнувајќи од крштавањето Иваново па до денот, кога се вознесе од нас, да биде сведок со нас за Неговото воскресение. (Дела 1, 21-22) – цитираше папата Фрањо.

Во овие зборови е сумирано што значи да се биде член на Дванаесетмината: значи да бидеш сведок на Исусовото воскресение. Тоа што вели: заедно со нас ни дава да сфатиме дека посланието за навестување на воскреснатиот Христос не е една задача: туку заедништво со апостолскиот колегиум и заедницата на која припаѓаме (семејна, монашка...) Апостолите го искусиле директно и чудесно воскресението Господово, тие се сведоци. Благодарение на нивното сведочење многумина поверуваа; и од верата во воскреснатиот Христос родени се и засекогаш ќе се раѓаат христијански заедници. И ние денес својата вера во Господ ја засновуваме на сведоштвото на апостолите кое до денес допирало преку посланието на Црквата – објасни Папата.

Нашата вера е темелно поврзана со нивното сведочење како во непрекинат ланец на одење од генерации до генерации на христијани. Во наследувањето на апостолите, секој Христов ученик е повикан да стане сведок на Неговото воскресение, посебно во опкружување каде што е заборавен Бог и каде е изрззена загубеноста на човекот.

За сето ова да се оствари потребно е да се остане во воскреснатиот Христос и Неговата љубов, како што нè повикува Првото Послание по Иван: „Оној кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него.“ (1 Ив 4,16). Исус тоа постојано го повторува на своите ученици: „Бидете во Мене; Бидете во Мојата љубов!“ (Ив 15, 4.9). Ова е тајната на светците: бидете во Христос, со Него соединете се како прачката за лозата за да донесеме многу род (Ив 15, 1-8). Тој плод не е ништо друго освен љубовта! Таа љубов сјае во сведоштвото на сестра Џована Емилија де Вилнев која својот живот му го посветила на Бог и на сиромашните, болните, жедните и отфрлените, станувајќи за нив и за сите конкретен знак на милосрдната љубов Господова – рече Светиот Отец.

Односот кон воскреснатиот Исус е атмосферата во која христијанинот живее и во која наоѓа сила за верност кон Евангелието, макар и да е среде пречки и недоразбирања. Да останеш во љубовта: тоа го правела и сестра Марија Кристина Брандо. Таа целосно била освоена од љубов која гори за Господ; молитвата, од блиските средби со воскреснатиот Исус присутен во Евхаристијата, примала сила за поднесување на страдањата и себедарувањето и била како раскршен леб за многу луѓе одделени од Бог и гладни за веродостојна љубов.

Важен моменет за сведочење на Воскреснатиот Христос е единството меѓу нас, неговите ученици, по примерот на единството меѓу Него и Отецот. И денес во Евангелието оддекнува Исусовата молитва пред маката: „Да бидат едно, како што сме и Ние“  (Иван 17,11). Од вечната љубов на Отецот и Синот, кој е со нас преку Светиот Дух, нашето послание и нашето братско заедништво црпи сила; од неа секогаш одново избива радоста за наследување на Господ на неговиот пат на сиромаштво, девственост и послушност; и таа иста љубов повикува на раст преку контемплативната молитва – рече папата Фрањо.

На посебен начин тоа го искусила сестра Марија Бауарди, која понизна и неука знаела да дава совети и теолошки објаснувања со голема јаснотија, што е плод на нејзиниот дијалог со Светиот Дух. Поученоста од Духот ја прави инструмент за средба и заедништво и со муслиманскиот свет. Исто така сестра  Марија Алфонсина Данил Гатас добро разбрала што начи да се посее Божјата љубов во апостолатот, станувајќи сведок на благоста и единството. Таа ни нуди јасен пример колку е важно да бидеме одговорни едни за други; да живееме во служба едни за други.

Да се остане во Бог и неговата љубов, за да навестуваме со слово и живот за воскресението Исусово, сведочејќи за единството меѓу себе и љубовта кон сите. Тоа го правеле овие четири светици. Нивниот светол пример нè поттикнува: На каков начин сум сведок на воскреснатиот Христос? Како останувам во него и како престојувам во неговата љубов? Дали сум способен да го сеам семето на она единство кое ни го подари Воскреснатиот  – во семејството, на работата, во својата заедница? – запраша Папата.

Враќајки се дома, со себе да ја понесеме радоста од оваа средба со воскреснатиот Господ; да негуваме во срцето настојување да останеме и престојуваме во Божјата љубов, станувајќи соединети со Него и меѓусебно и да ги наследуваме овие четири жени, примери на светоста, кои Црквата нè повикува да ги наследуваме – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.