2015-04-29 14:29:00

Папата: Црквата напредува со Божјите изненадувања


Црквата напредува благодарение на изненадувањата на Светиот Дух – рече папата Фрањо на светата Литургија на 28 април во домот Света Марта. Зборувајќи за навестувањето на Евангелието на поганите како што е опишано во денешното читање од Делата Апостолски, Светиот Отец истакна дека и денес треба да се има „апостолска храброст“ за христијанскиот живот да не стане „музеј на спомени.“

Во животот на Црквата од основна важност е отвореноста за новоста на Светиот Дух. Многумина во апостолското време можеби биле вознемирени од тоа што Евангелието се навестувало и на неевреите/народите, но Варнава – доаѓајќи во Антиохија – „се зарадува“ бидејќи видел дека обраќањето на поганите е Божјо дело. Иако пророкот Исаија навестил дека Господ ќе дојде за да ги спаси сите народи, многумина тоа не го сфатиле:

„Не сфатиле дека Бог е новост“ – рече Папата. Не сфатиле „дека Светиот Дух дошол заради тоа: за да нè обнови“ и дека на тој начин постојано делува. „Тоа малку исполнува со страв. Во историјата на Црквата од тогаш па се до денес можеме да видиме колку имало страв од изненадувањето на Светиот Дух.“

Меѓутоа – додаде – „постојат новости и новости!“ За некои „се гледа дека се од Бог“, додека други тоа не се. Како да се разликуваат? „Светиот Дух е Тој Кој дава да се види вистината“ – одговори. Сами со нашиот памет тоа не можеме, бидејќи – според зборовите на Папата – можеме да ја проучуваме целата историја на спасението, да ја студираме целата теологија, но без Светиот Дух нема разбирање. Светиот Дух е Тој Кој ни дава да ја сфатиме вистината; односно Он ни дава да го препознаеме Исусовиот глас.“

Напредувањето на Црквата е дело на Светиот Дух. Меѓутоа што треба да правам – праша Папата – како би бил сигурен дека го слушам Исусовиот глас и дека мотивацијата која ја чувствувам доаѓа од Светиот Дух? Одговорот е: моли. „Без молитва, за Духот нема место“ – рече Светиот Отец. Затоа треба да се моли за Господ да ни го дарува Светиот Дух за да можеме секогаш да разликуваме што треба да направиме.

Црквата напредува со Божјите изненадувања, со новостите на Светиот Дух – продолжи Папата. Меѓутоа, мораме да расудуваме, а за да расудуваме, мораме да молиме. Свети Петар полн со Светиот Дух ја видел евангелизацијата на поганите и рекол: „Кој сум јас да го негирам крштението?“ Он е тој кој нè чува од грешките – обајсни Папата.

Едноставно „да ги работиме работите како секогаш да сме ги работеле“ – рече Папата – е алтернативата која води во смрт. Затоа поттикна да ризикуваме, во молитвата и понизноста и да го прифатиме тоа што Светиот Дух го бара да го промениме.“ Проповедта ја заврши со молитва Господ да ни даде милост да не се плашиме кога Светиот Дух ќе ни каже да направиме чекор напред и апостолска храброст за нашиот живот да не стане „музеј на сеќавања“.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.