2015-04-20 14:05:00

Папата: Современите облици на ропство се полоши од минатите


Во светскиот економски систем во кој владее профитот се развија нови облици на ропство кои во одредена смисла се полоши и понехумани од минатите – предупреди Светиот Отец во говорот на 18 април до учесниците на пленеарното заседание на Папската академија за општествени науки. Денес меѓу „најмалите браќа и сестри“ се наоѓаат и луѓе кои се подложени на модерните облици на ропство, присилна работа, трговија со органи, дрога – рече Папата.

Светиот Отец потсети на ликот на свети Петар Клавер кој се нарекувал „роб на робовите“ во периодот кога „ропството било многу раширено и општествено прифатено, за жал – и скандалозно – и меѓу христијаните.“ Бројни светци и светици – додаде Папата – се бореле против ропството, вдахнати од зборовите на свети Павле од Посланието до Филимон: Не повеќе роб, туку љубен брат во Господ.

„Знаеме дека историското укинување на ропството како општествена структура е директна последица на пораката за слобода која Христос ја донесе на светот во полнината на милостите, вистината и љубовта со својата програма на блаженства“ – нагласи папата Фрањо. Соочени со новите облици на тоа зло и денес сме повикани да го осудиме ропството и да се бориме против него, но пред сè треба да работиме на подигнување на свеста бидејќи ропството заради скандалозната и „политички некоректната“ природа сака да се сокрие.

Папата Фрањо уште еднаш рече дека ропството е „најтешкото злосторство, рана на телото на денешното човештво.“ Целото човештво тоа треба да го види особено кога се работи за национални и меѓународни закони, за трговците со луѓе да се доведат до правдата, а нивните неморално стекнати средства да се пренаменат за помош на жртвите. Повикани сме – рече Папата – да ги подобруваме начините на помагање на жртвите, ажурирајќи ги и прописите за правото на азил. „Треба да порасне свеста на граѓанските власти за сериозноста на таквата трагедија која е назадување на човештвото.“ На тие нови облици на ропство повеќе пати пружаат заштита институциите кои напротив треба да го штитат народот од тие злосторства – предупреди Папата.

„Потребно е да градиме земски град во светлината на блаженствата и така да одиме кон небесата заедно со малите и последните“ – порача на крајот папата Фрањо на учесниците на пленеарното заседание на Папската академија за општествени науки.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.