2015-04-04 13:14:00

Папата Фрањо ги предводеше обредите на Маката Господова


Во базиликата Свети Петар папата Фрањо на Велики Петок ги предводеше обредите на Маката Господова. На почетокот на обредот во тишина се протегна пред главниот олтар. После Службата на Словото со пеење на Маката, хомилијата по традиција ја одржа проповедникот на Папската куќа о. Раниеро Канталамеса во која што стави акцент на двата збора: „Ecce homo!"

Проповедникот како одраз на осудата на Исус потсети колку затвореници се наоѓаат во истата ситуација како Исус во дворот на Пилат: сами, со лисиците на рацете, мачени, на милоста и немилоста на грубите чувари кои се полни со омраза, се занимаваат со сите видови на физичка и психичка суровост и кои уживаат гледајќи додека луѓето страдаат, рече и додаде „Не смееме да спиеме, не смееме да ги оставиме!“

Но, крикот „Ecce homo!" не се однесува само на жртвите, туку и на мачителите, рече и објасни дека тоа значи „Еве, за што е способен еден човек!“, односно некој со страв би кажал „Еве за што се способни човечките битија!“

Понатаму потсетувајќи на прогонуваните христијани кои не се реткост ниту денес, проповедникот рече дека „христијаните не се единствената жртва на убиственото насилство во светот, но не можеме да го занемариме фактот дека во многу земји тие се најчестата жртва.“ Во тој контекст потсети на веста на денот како во универзитетски камп во Кенија се убиени 147 христијани. Осврнувајќи се на Исусовите зборови на учениците „ќе настапи и време, кога секој, што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба“ (Ив 16,2), о. Канталамеса рече „можеби никогаш порано овие зборови не нашле такво исполнување како денес.“

Вистинските маченици за Христос не умираат со стиснати шаки, туку своите раце ги склопуваат во молитва. Имавме од неодамна многу такви примери. Христос е Оној Кој им даде сила на 21 коптски христијанин погубени во Либија на 22 февруари во моментот на смртта за да го изговараат Неговото име, потсети проповедникот.

Во тој дух на крајот на проповедта кажа и кратка молитва во која молеше за сите прогонети, за сите христијани и нехристијани и молеше за помош од Исус за „доброто да го надвладее злото, не само на светско ниво, туку и во нашиот секојдневен живот, внатре во ѕидовите на нашите домови.“

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.