2015-02-18 11:43:00

Папата во пораката за Великиот пост: Да не ја глобализираме рамнодушноста


Христијаните се соочени со глобализација на рамнодушноста. Во пораката за Великиот пост за 2015 година, претставена на конференцијата за медиуми во Канцеларијата за печат при Светиот Престол, папата Фрањо повикува на борба против егоистичкиот став кој се прошири до светски размери и поради кој забораваме – или уште полошо – ги занемаруваме лицата кои страдаат, како и неправдите кои ги трпат, меѓутоа и самиот Бог, Кој „не е рамнодушен спрема светот, туку толку го сака, што го даде Својот Син за спасение на секој човек“.

Задача на Црквата е да ги држи вратите отворени кои го поврзуваат Бог и човекот – објасни Папата во овогодишната порака за Великиот пост. Таа тоа го прави со навестување на Словото, со славење на Светите Тајни и со сведочење на верата која е делотворна во љубовта; дури и ако светот сака да се затвори во себе и да ја затвори врата низ која Бог влегува во светот и низ која светот оди кон Него. Великиот пост како време на обнова, на тој начин станува можност да се одважиме на патот кој на Божјиот народ му овозможува да го избегне прифаќањето на рамнодушниот став.

Светиот Отец предлага за размислување три пасуси од Светото Писмо: Првиот од Посланието на светиот апостол Павле до Коринтјаните: „Ако страда еден дел, тогаш страдаат сите делови“. Тоа се однесува на сеопштата Црква, заедништвото на светите. Божјата љубов е главно оружје против рамнодушноста и Црквата ни го нуди во своето научување и сведочење – пишува Папата. Меѓутоа, Божјата љубов не може да се сведочи ако најпрво не сме ја искусиле. По евхаристијата „стануваме она што го примаме: тело Христово“, а во тоа тело нема место за рамнодушност.

Вториот пасус кој папата Фрањо го предлага за размислување во овој пост е од Книгата Битие: „Каде е братот твој“? Тоа нè поттикнува на размислување за улогата на парохијата и заедницата. Пред сè нас со небесната Црква нè соединува молитвата, како би можеле да воспоставиме „заедница на взаемно служење и добра кои се издигаат сè до Божјиот поглед. Небесната Црква не слави затоа што го свртела грбот на страдањата на светот и сама се радува. Напротив, светците многу радосно гледале и се радувале на тоа да – по Исусовата смрт и воскресение – еднаш засекогаш ја надвладеале рамнодушноста, тврдоста на срцето и омразата“ – пишува Папата.

Секоја христијанска заедница, бидејќи по природа е мисионерска повикана е да излезе од себе и да се вклучи во општествениот живот, особено со сиромашните и оние кои се од неа одделени – стои понатаму во пораката за Великиот пост. Папата се надева дека парохиите и заедниците, како места каде е присутна универзалната, Католичка Црква, ќе станат острови на милосрдие насред морето од рамнодушност.

На трето место, после размислувањето за сеопштата Црква и Црквата во месните заедници, Светиот Отец се обрати и на секој поединечен верник, размислувајќи ги зборовите од Посланието на светиот Јаков: „Укрепете ги срцата“! Страв и чувство на немоќ – кој секого го обзема пред човечкото страдање и потресните сцени – можат да се надвладеат со силата на молитвата на соединетата небесна и земска Црква. Да не ја занемариме силата на молитвата – истакна Папата и напомена дека и иницијативата „24 часа за Господ“ кој ќе се одржи на 13 и 14 март треба да биде знак на големата потреба за молитва.

Ако понизно ја молиме Божјата милост и ги прифатиме сопствените ограничувања, ќе поверуваме во неограничените можности на Божјата љубов за нас – истакна Папата, повикувајќи да се вежбаме во – како што рече почесниот папа Бенедикт XVI – формација на срцето.

Милосрдното срце не значи слабо срце – нагласи папата Фрањо. Секој кој сака милосрдно, мора воедно да има силно и постојано срце; затворено за искушувачот, меѓутоа отворено за Бог. „Направи ги срцата наши според своето срце“ како би имале „силно срце и милосрдно, будно и великодушно, кое не дозволува да се затвори во самото себе и не паѓа во замките на глобализацијата на рамнодушноста“ – моли Папата на крајот од порака за Великиот пост.

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.