2014-02-04 15:13:05

Проповед на папата Фрањо на Празникот Сретение Господово и Денот на посветениот живот


Во недела 2 февруари на празникот Сретение Господово или Свеќници и Светски ден на посветениот живот, Светиот Отец во базиликата Свети Петар во Рим, опкружен со многу монаси и монахињи, со почеток во 9:50, ја славеше Светата Литургија. Во пригодната проповед, која ја пренесуваме во целост, рече:

Празникот Сретение Господово се вика исто така и празник на средбата: во Литургијата, на почетокот, се вели дека Исус оди во пресрет на својот народ. Тоа е средба на Исус и неговиот народ. Кога Марија и Јосиф го внесуваа Детето во ерусалимскиот Храм, дојде до првата средба на Исус и неговиот народ, кој го претставуваа старците Симеон и Ана. Беше тоа исто така средба внатре во историјата на Божјиот народ; средба на млади и стари - млади: Марија и Јосиф со Новородениот, а стари: Симеон и Ана, две лица кои постојано доаѓаа во храмот.

Да видиме што евангелистот Лука вели за нив, како ги опишува. За Богородица и свети Јосиф во четири наврати вели дека сакале да го вршат она што го пропишува Божјиот Закон (спор. Лк 2,22.23.24.27). Можеме да видиме дека Исусовите родители со радост ги извршувале Божјите прописи; радост во одењето по Божјиот Закон. Младите сопружници кои штотуку добија дете, всушност се покренати од желбата да го исполнат она што го налагаат прописите. Не е тоа некој надворешен чин за да се почувствуваат „на свое место“, не... Желбата е силна и длабока, исполнета со радост. Тоа е она што го вели Псалмот (спор. Пс 118,14.77): „По патот на Твоите сведоштва се насладувам...“ и: „Зашто законот Твој е утеха моја“.

А што вели Свети Лука за старците? Повеќе од еднаш вели дека биле водени од Светиот Дух. За Симеон дека бил праведен и благочестив; дека ја очекувал утехата Израилова, и дека „Светиот Дух беше на него“ (спор. Лк 2,25). Вели понатаму дека Светиот Дух однапред му навестил дека нема да види смрт пред да го види Божјиот Помазаник (р. 26); и на крај: дека во Храмот дојде „поттикнат од Духот“ (р. 27).

За Ана вели дека била пророчица (р. 36); што значи вдахновена од Господ; и дека постојано била во Храмот „Му служеше на Бога со пост и молитва“ (р. 37). Сè во сè, ова се двајца стари полни со живот! Полни се со живот бидејќи се покренати од Светиот Дух, поучени од Неговите поттици и чувствителни на Неговите повици. Ете ја средбата на Светото Семејство и овие двајца претставници на светиот Божји народ. Во средиштето е Исус. Тој е Оној Кој сè покренува; Кој ги привлекува и едните и другите во Храмот – домот на Неговиот Отец.

Тоа е средба на млади полни со радост од опслужувањето на Господовиот Закон; и стари радосни поради делувањето на Светиот Дух. Тоа е една средба; средба на опслужување и пророштво, каде младите се оние кои опслужуваат, а старите се оние кои пророкуваат! Се чини дека работата е малку обрната. Навистина, ако добро размислиме, опслужувањето на Законот е поттикнато со делувањето на Светиот Дух; а пророштвото се покренува со патот кој го трасира Законот. Кој е исполнет од Светиот Дух повеќе од Марија; кој е послушен повеќе од неа?

Драги браќа и сестри, во светло на оваа евангелска сцена, да гледаме на посветениот живот како на средба со Христос: Тој е Оној Кој доаѓа кон нас; носен од Марија и Јосиф; и ние сме оние кои одиме кон Него, водени од Светиот Дух. Во средиштето е Тој. Тој сè покренува, нè привлекува во Храмот; во Црквата, каде можеме да Го сретнеме, препознаеме, прифатиме и прегренеме.

Исус ни доаѓа во пресрет во Црквата преку основачката харизма на заедницата: убаво е да мислиме на тој начин и така да го гледаме нашиот повик! Нашата средба со Исус го зеде својот облик во Црквата, по харизмата на еден сведок. Ова нè зачудува секогаш и прави за тоа да благодариме.

И во посветениот живот се живее средба на млади и стари; средба на опслужување и пророштво. Да не ги гледаме како две спротивставени стварности. Да дозволиме Светиот Дух да ги поттикне обете, а знак на тоа е радоста: радост на опслужувањето; опслужување на едно животно правило; радост на она: „да се биде воден од Духот“ – никогаш тврди, никогаш затворени, туку секогаш отворени на Божјиот глас, Кој говори, отвара и води; Кој нè повикува да одиме кон хоризонтот...

Добро е старите да им ја пренесат на младите мудроста на животот; добро е за младите да го собираат ова наследство на искуство и мудрост – не поради тоа да го сочуваме во музеј; туку да го пренесуваме понатаму соочувајќи се со предизвиците кои ни ги носи животот; пренесувајќи го за доброто на монашките семејства и за доброто на целата Црква. Милоста на ова таинство – таинството на средбата – нека нè просветли и зацврсти на нашиот пат. Амин.

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.