2014-01-20 10:14:04

Христијанинот не го занемарува Словото Божјо заради модата


Да се биде деца Божји е дар кој не смее да се продава, поради погрешно сфаќање на „нормалноста“, која наведува на заборавање на Божјото Слово и живеењето како Бог да не постои – истакна Светиот Отец во проповедта на утринската Света Литургија во капелата на Домот Света Марта во петокот 17 јануари.

Искушението да бидеме „нормални“, а деца Божји сме, всушност значи да се занемари Божјото Слово и да се ориентираме според човечкото, да ја извршуваме сопствената волја; значи „да се продава“ дарот на Божјата наклонетост поради вронување во „световната едноличност“. Тоа искушение повеќе пати го доживуваше еврејскиот народ, што го потврдува и денешното литургиско читање од Првата Книга Царства, кога народните старешини го наговоруваат остарениот цар Самоил да избере свој наследник, нов цар; всушност тие сакаат самоуправа.

Тогаш народот го отфрла Божјото Слово, што може да се види од говорот на еврејските старешини: Сакаме цар – судија, така ќе бидеме изедначени со другите народи. Значи тие ја отфрлаат Божјата љубов, не сакаат да бидат избран народ, туку сакаат да бидат како и другите народи. На нив им се слични и бројни денешни христијани – рече Папата.

Нормалниот живот бара од христијанинот верност кон христијанскиот избор и не е на продажба како би се ускладил со световната едноличност. Тоа е искушението за народот; тоа е и наше искушение. Божјото Слово, она што Господ го говори, често го забораваме и го слушаме она што е модерно, зарем не...? И јазикот на телевизиските сапуници е во мода – го следиме, позабавен е! Одметништвото е грев на прекин со Господ: прекинот е очигледен, одметништвото е евидентно. Световноста е уште поопасна, бидејќи е подмолна – објасни Папата.

Вистина е дека христијанинот треба да биде нормален, како и другите личности, призна Папата, меѓутоа предупреди дека има вредности кои христијанинот не може да ги задржи за себе. Христијанинот треба да се покорува на Божјото Слово кое му вели: ’Ти си мое дете; избран си, со тебе сум, и одам со тебе’. Значи треба да одолеат на искушението да станат жртви на комплексот на помала вредност; дека не се нормални – објасни папата Фрањо.

Искушението доаѓа и го вкочанува срцето, а кога срцето е круто и не е отворено, Божјото Слово не влегува во него. Исус им рече на учениците од Емаус: „О, безумни и тврди по срце“ – Имаа тврдо срце и не можеа да го сфатат Божјото Слово. Световноста го омекнува срцето, меѓутоа на погрешен начин: превртливото срце никогаш не е добро! Доброто срце е отворено за Божјото Слово, го прифаќа како Богородица, која „ги зачува сите тие настани во срцето свое“, вели Евангелието. Треба да го прифатиме Божјото Слово за да не се оддалечиме од својот избор – забележа Светиот Отец.

Затоа да молиме за милост да можеме да го надвладееме својот егоизам – вршењето на својата волја. Да молиме и за милоста на духовна послушност, односно да го отвориме срцето за Божјото Слово, и да не бидеме како нашите браќа кои го затворија срцето, бидејќи се оддалечија од Господ, и одамна веќе не го слушнале ниту го сфаќаат Божјото Слово. Нека Господ ни подари отворено срце да можеме Божјото Слово да го прифатиме и за него да размислуваме, да ни биде водител на животниот пат – заклучи Светиот Отец.

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.