2014-01-15 10:21:55

Американскиот државен секретар во Ватикан


Драматичната ситуација во Сирија и конференцијата „Женева 2", израелско- палестинските преговори и Африка беа главните теми во разговорите меѓу државниот ватикански секретар монс. Пјетро Паролин и американскиот државен секретар Џон Кери. Средбата се одржа во вторникот 14 јануари попладне и е во склоп на меѓународната турнеја на Кери за помош на мирот меѓу Палестинците и Израелците, како и за успешена работа на мировната конференција за Сирија „Женева 2", која е предвидена да се одржи на 22 јануари .

„Средбата беше многу важна и плодна, се разговараше за многу прашања и траше еден час и четириесет минути", изјави ватиканскиот портпарол патер Федерико Ломбарди. Тој додаде дека на средбата учествувале и американскиот амбасадор во Светата Столица и тројца претставници на државниот секретаријат, а од ватиканска страна присуствувале секретарот за односи со државите монс. Мамберти и двајца експерти од Римската курија.

„Од страна на Ватикан е истакната загриженоста и желбите на Светата Столица, кои ги истакна и папата Фрањо на аудиенцијата за дипломатските претставници во Ватикан: мирно решавање на конфликтот и хуманитарна помош за населението - рече ватиканскиот портпарол. „Светата Столица го подржува продолжувањето на преговорите меѓу Израелците и Палестинците. Исто така стана збор и за драматичната ситуација во Судан со желба успешно да заврши мисијата на посредниците со договор меѓу двете страни."

„Покрај тоа, се зборуваше и за прашања поврзани со САД, при што од ватиканската страна е истакната загриженоста на Светата Столица, заедно со американските католички епископи, за нормите во здравствената реформа и гарантирањето на верската слобода - истакна ватиканскиот портпарол. На средбата се разговарало и за планот на американскиот претседател за борба против сиромаштијата и подобрување на условите за најсиромашните слоеви на населението".

РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.