2013-12-25 17:45:37

Божиќна порака на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија до сиот Божји народ


РОСЕТЕ, НЕБЕСА, ОДОЗГОРА, И ОБЛАЦИТЕ НЕКА ИЗЛИВААТ ПРАВДА (Ис 45,8)

Драги браќа и сестри во Христа!
Годинашното празнување на Божик нè воведува во најголемото Таинство на нашата вера: воплотување и раѓање на Божјиот Син во тело. Доведувајќи не поблиску до Бога, во исто време повеќе не доближува еден до друг. Божик е Таинство на Божјиот влез во нашата историја, а секоја година одново влегување на Бога во нашите семејства, во нашите заедници и во нашите срца. Годишното празнување на Божик пред нас ја поставува задачата не само да го празнуваме секоја година, а уште помалку само да го спомнуваме, туку да допуштиме Божик да биде настан во нашиот живот. Затоа, ве повикувам заедно да размислуваме исправени пред големото таинство на Божјата љубов и по Божјата милост, Божик навистина и во нас да се случи.
Стоиме пред тајната на неизмерната Божја љубов. Стоиме ние луѓето од 21 век кои така често и прекумерно го употребуваме зборот љубов и, се чини, како веќе да е истрошен тој збор и како да нема ништо ново што да ни каже. Затоа најнапред одново да размислуваме за поимот љубов. Што значи тој? Кога Библијата сака Бог да му го приближи на човекот и колку толку да го разбере? Во Библијата има само две места кои се обидуваат да ја изразат Божјата суштина. Во книгата Исход Бог му се објавува на Мојсеј и на негово инсистирање го изговара своето име: „Ја сум Оној, Кој вечно постои!“ Јас сум Бог присутен, Бог ваш и Бог со вас. Св. Иван во Новиот завет кога сака да ја искаже Божјата бит тогаш пишува: „Theos te agape estin – Бог е љубов“. Значи, вистинскиот поим на љубовта е највисокото достоинство, зашто самиот Бог е Љубов. Во својата Божествена природа тој вечно трае и дејствува како Оној кој љуби, и уште повеќе Тој е сама љубов. Затоа сè што произлегува од Бога, произлегува од љубовта и љубено е. Бог не ги мрази своите созданија и не може никогаш да мрази, Бог љуби и сè што создаде е создадено за да биде љубено. Бог е љубов. Да, но што значи тоа за нас денес? Најпрвин, тоа значи дека радикално мораме да го избришеме од својот речник, а пред сè, од своето срце сето она што не е љубов, сето она што е носено од егоизмот, себичноста, интересот и користољубивоста. Љубовта не може да биде свртена кон себе, туку љубовта значи да се свртиме кон другиот. Другиот духовно да го збогатиме, да се даруваме на другиот, да го усреќиме другиот.
Човекот како врвно создание, а со тоа и на Божјата љубов, не само дека е круна, туку е и најмногу сакано битие во вселената. Секој од нас во таа Божја љубов постои од секогаш и во најоптимално време на историјата е повикан во овој начин на живот на овоплотение и раѓање, за по пропатувањето на оваа земја на која треба да посее љубов, да дојде во вечен живот со плодовите на љубовта стекнати на земскиот животен пат. Денес стоиме пред драмата на изборот. Пред нас се ставаат многу понуди, заводнички повици и пориви од чиста телесност за да тргнеме по патот на љубовта, но љубов која води во културата на смртта ИЛИ да се определиме за љубов која е од Бога дарувана и за која не ни требаат повеќе механизми за испитување каква е таа, туку набљудување, контемплација, размислување... Бидејќи таа Љубов токму денес ни е понудена во еден остварен живот: овоплотениот Син Божји – Исус од Назарет.
Љубовта преку која во историјата Бог проговори не е повеќе пророчко ветување, не се зборови кои со времето се трошат туку тоа е жива личност, жив човек, кој дојде не толку да зборува колку да покаже што значи да се биде сакан од Бога и какви односи љубовта изградува меѓу луѓето. Љубовта е еднонасочна улица со искачување. Нема горни граници, завршува во прегратките со Бога. Љубовта се дарува, сè покрива, на сè се надева, сè поднесува но никогаш не престанува. Од тука, Божик е можен како настан само за оној од нас кој ќе допушти денес – овие денови – да го допре таа и таквата Божја љубов. Божик е излив, доказ на Божјата љубов.
Стоиме пред таинството како приматели, стоиме во друштво на двајца кои таа овоплотена Љубов знаеја да ја примат. Како? Да ја погледнеме со очите Неговата мајка Марија. Да го погледнеме со очите Неговиот хранител Јосиф. Тие се претставници на човештвото кое го очекуваше илјадници години: дојди Господе. Во времето кога Бог чукна, нивните срца беа подготвени да го прифатат овој чудесен настан: влегувањето Божјо во нашата историја. Тој влез не беше триумфален ниту празничен, беше скромен, едноставен и понизен. Бог се овоплоти самиот себе земајќи лик на слуга, во се стана сличен на нас, освен во гревот, вели Апостолот. Од овој поглед на очите на Марија и Јосиф да пробаме да научиме да ги набљудуваме Божјите дела кои и сега Бог ги прави во човечката историја. Тој и сега до човекот не приоѓа на триумфален начин, на празничен, ниту, пак, обдарен со земската моќ, туку чука на вратата понизно и таинствено вистински барајќи срце кое е барем толку чисто колку што беше Витлеемската пештера. Но, на што наидува Бог во својата желба да ни се приближи нам луѓето од 21 век?
Првата препрека која човештвото денес ја става пред доаѓањето на Бога е нашата егоцентричност. Ретко кога во историјата човекот бил толку затворен во себе исклучиво поради себе под мотото „мене да ми биде добро“. Тоа наше „Јас“ израсна во огромен егоизам што не признава никој друг покрај себе освен ако од оној покрај себе исклучиво тој самиот има корист. Всушност, втората препрека која човештвото ја става пред доаѓањето на Бога е нашата користољубивост. Човекот во наше време вреди само толку колку има или колку е корисен. Вредноста според која се проценува достоинството на човековата личност не е повеќе критериум личноста и нејзиното достоинство што Бог и го дава повикувајќи ја во живот со љубов, туку го „прекројуваме“ Божјиот план и ја оценуваме вредноста на човекот според тоа колку нам ни е корисна. Така човекот денес стана поткрадено битие и често пати наједноставен предмет со кој се тргува и евтино се продава. Како Бог да влезе во нашата историја во која ние не го признаваме човекот и неговото достоинство како личност и неговите неотуѓиви права, туку сме свртени исклучиво кон интересот. Бог му се противи на секое општество кое на Божјиот пат до нас издига ѕидови на: егоизам, хедонизам, користољубивост и ги гази правата на живот, на работа, на медицинска заштита, на школување и на сè она што во декларациите и договорите така често се истакнува како достигнување на демократското општество а забораваме дека во центарот на вистинското здраво општество недопирлива вредност за Богочовекот е човечката личност. Затоа, во Витлеем Бог не чукна на палатата на Ирод, туку на едноставните пастирски шатори, бидејќи кај Ирод ја виде продадената душа заинтересирана за власт и тоа окупаторска, а во пастирите, иако сиромашни, виде луѓе кои не го продале своето човечко достоинство.
И денес Бог ќе тропне на вратата на оној меѓу нас кој не се чувствува дека го продал својот образ, своето достоинство за минливи интереси, туку во срцето го зачувал своето достоинство и не дозволил да биде манипулиран, ниту со опасниот збор МОДА, ниту со кој било друг поим кој ослободува а не заробува. Бог влезе во историјата слободен да не ослободи за слобода од сето тоа што не прави нелуѓе.
Рождеството Христово е празник на човечноста и хуманоста. На човечноста затоа што Бог може да се набљудува како Мариино дете, кое во нашите очи е немоќен, од нас зависен но во исто време Господар на вселената. Затоа пред Него овие денови се свиткува коленото, се наклонува главата и во тишина се набљудува што може да ни прозбори тоа Дете од Витлеем. А тоа Дете од Витлеем може не само да ни ветува, туку и да ни даде вистински живот и како на поединци и како на заедница. Врз себе ќе ги земе нашите вини, нашите гревови и нашето камено срце ќе го замени со нежно и топло срце.
Да, браќа и сестри, Божиќ е празник на нежно срце. Бог не сака човекот да го менува од надвор, туку од внатре, од срцето, од менталитетот за да го доведе до внатрешна слобода. Витлеемското дете ни порачува дека таа околина која не опкружува не е толку моќна за да смее да не манипулира. Таа околина која е околу нас е ангелска и таа навестува „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк 2,14). И еве не, браќа и сестри, кај поимот кој денес треба силно да се нагласи: МИР. Каков мир? Секако мир - без вооружени војни, мир во општеството – без расправии, но, пред сè, оној мир кој создава хармонија во нас. Ако во нас имаме и трошка омраза, нетрпеливост, одбивност, тогаш не можеме да бидеме во мир, ниту пак мироносци. Повторно се враќаме на вистината дека Божјата љубов создава мир. Мир во нас. А кога мирот во нас ќе се роди, тој како светлина ја пробива секоја облачност, секоја магла и, едноставно, ги осветлува другите. Божик е празник на светлината но светлината не е свеќа.
На Божик светлината е човекот. Тој мир кој сме должни да го чуваме како зеница во окото, денес е ранет. Има толку многу кои се обесправени, осиромашени, разочарани, невработени, гладни, протерани, кои не можат да веруваат во мир додека не почувствуваат дека тој барем некаде е остварен. Каде да го видат? Ќе го видат барем во тебе, во мене на овој Божик ако сфатиме дека Божик е настан кој го менува човекот, а не само слава на еден дамнешен настан. Затоа, пред вас драги верници, и пред себе ставам една единствена честитка: Христовиот мир нека е во вашите срца и барем една личност нека допре тој ваш мир – наш мир.
Честит Божик на оние кои допуштаат овие денови Христос да се роди во секое човечко срце. Честит Божик на секој од вас, честит Божик на семејствата и честит Божик на општеството и на сите оние кои ќе слушнат и разберат што Бог му нуди на човекот, а човекот без Бога не може да дава. Амин. Христос се роди!








All the contents on this site are copyrighted ©.