2013-12-02 08:48:23

Папата на Ангел Господов: Во Исус Христос Објавата го најде своето исполнување


Папата Фрањо во недела 1 декември пред верниците собрани на плоштадот Свети Петар, кои и покрај ладното и ветровито време дојдоа во голем број, ја објасни смислата на времето на Исчекување (Адвент) и ја повика светската јавност, посебно здравствените лица, да овозможат здравствена помош на лицата заразени со вирусот ХИВ.
Во првата недела од Божиќниот пост – Исчекување, својот говор пред молитвата Ангел Господов Светиот Отец ја започна со зборовите: Божјиот народ започнува одново да оди со Исус Христос, нашиот Пастир, кој нѐ води низ историјата, кон исполнување на Божјото царство.

Коментирајќи од Книгата на пророк Исаија (Исаија 2,2-3), Папата го спореди тоа заедничко ходочастие со универзалното поклонение кон заедничката цел, која во Стариот Завет е Ерусалим, местото на Господовиот храм, бидејќи од него дојде објавата на Божјото лице и неговиот закон. Во Исус Христос, Објавата го најде своето исполнување, а храм Господов стана Тој самиот, Словото стана Тело: Тој е водач и цел на ходочастието на Божјиот народ, и преку Неговото светло и други народи можат да одат кон Царството на правдата и мирот.

Ова ходочастие никогаш не завршува – додаде папата Фрањо, бидејќи во животот на секој човек постои потреба од повторно подигнување и пронаоѓање на целта на сопственото постоење, така е потребно и во големото човечко семејство обновување на заедничкиот хоризонт кон кој е упатен, а тоа е хоризонтот на надежта. Времето на Исчекување кое одново го започнуваме, ни го враќа хоризонтот на надеж; надеж која не разочарува, бидејќи е втемелена на Словото Божјо – рече папата Фрањо.

Како модел на таквиот духовен став, таквиот начин на постоење и одење Папата ја истакна Девица Марија, едноставна селска девојка, која во срцето ја носи целата Божја надеж. Во нејзината утроба се овоплоти Божјата Надеж, стана Човек, стана историја: Исус Христос. Нејзиното Велича е песна на Божјиот народ на патот, како и на сите мажи и жени кои својата надеж ја полагаат во Бог, во моќта на Неговото милосрдие – заврши Папата Фрањо, поттикнувајќи ги верниците да се препуштат на нејзиното водство во ова време на исчекување и бдение.

По завршувањето на Ангел Господов, а по повод одбележувањето Светискиот ден за борбата против ХИВ, Светиот Отец ја искажа својата близина со заразените лица, посебно со децата, и повика на молитва за сите кои се грижат за нив: мисионери, лекари, истражувачи, со желба на секој болен, без исклучок, да му се овозможи потребното лекување.
На крајот Папата ги поздрави присутните поклоници од Италија и другите земји.

РВ/го*ко
.








All the contents on this site are copyrighted ©.