2013-11-29 11:01:53

Иднината на човештвото е во понизниот соживот на различностите


Иднината на човештвото е во понизниот соживот на различностите – една е од клучните мисли од говорот на Папата, одржан на 28 ноември, пред учесниците на Генералното собрание на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог. Светиот Отец, меѓу другото, напомна дека не е можно да се мисли на братство ’од лабораторија’, па силно истакна дека верската слобода треба да се штити во сите нејзини димензии.

Во светот кој на некој начин – како што рече Папата – „стана помал“, сѐ поважен е дијалогот и пријателството помеѓу луѓето од различните религии. Папата Фрањо тргна од тоа тврдење и одржа многу силен говор за меѓурелигискиот дијалог. Станува збор за стварноста и предизвикот – рече – кој ја повикува нашата христијанска свест, и кој влијае на конкретниот живот на локалните Цркви, парохии, и многу бројните верници. Впрочем – заклучи Папата со жалење – во светот има многу средини во кои соживотот е тежок.

Често на политичките или економските причини се надоврзуваат културните и верските разлики, потпирајќи се и на неразбирањето и грешките од минатото; а сето тоа може да предизвика недоверба и страв – истакна Светиот Отец и додаде – Само е еден патот со кој може да се победи тој страв; а тоа е патот на дијалогот, средба обележана со пријателство и почитување.

Да се води дијалог не значи да се откажеш од сопствениот идентитет кога се оди во пресрет на другиот, ниту пак да се попушти на компромисите во врска со верата и христијанскиот морал – забележа Папата. Всушност од таа причина меѓурелигискиот дијалог и евангелизацијата не се исклучуваат, туку взаемно се подржуваат. Ништо не наметнуваме, не користиме никаква подмолна стратегија како би привлекле верници, туку радосно и едноставно го сведочиме она во што веруваме и она што сме. Навистина, во средбата на која секој би го ставил на страна она во што верува, и би се претворал дека се откажува од она што му е најмило, сигурно не би било вистински однос. Во тој случај би можело да се зборува за лажно братство – забележа Светиот Отец.

Истовремено – додаде Папата – како христијани треба да се потрудиме да го совладаме стравот, секогаш спремни да го направиме првиот чекор, не губејќи храброст пред тешкотиите и недоразбирањата. Кога меѓурелигискиот дијалог е конструктивен, тој служи и за надвладување на стравот од разните верски традиции и од верските димензии како такви, што е сè поголема појава во општествата кои сѐ повеќе се секуларизирани. На религијата се гледа како на нешто излишно, или дури опасно; а од христијаните понекогаш се очекува во извршувањето на своето занимање да се откажат од сопствените верски и морални уверувања – напомна папата Фрањо.

Забележувајќи потоа дека е раширено мислењето според кое соживотот е можен само ако се затаи сопствената верска припадност, и ако се среќаваме на некој вид на неутрален простор, Папата запраша како би било можно да се воспостават вистински односи, и да се изгради општество кое би било вистински заеднички дом, кога би се наметнувало да се стави на страна она што секој го смета за интимен дел на своето постоење?

Не е можно да се мисли на братство ’од лабораторија’ – напомна Папата. Се разбира, потребно е сè да се случува во почитување на туѓите уверувања, па и на оние кои не веруваат, меѓутоа мора да имаме храброст и стрпливост за одење во пресрет едни на други, поради она што сме. Иднината е во понизниот соживот на различностите, а не во согласноста со едно единствено, теоретски неутрално, мислење. Затоа станува неопходно потребно признавањето на темелното право на верската слобода, во сите нејзини димензии – истакна на крајот папата Фрањо.

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.