Светоста не
е привилегија само за малкумина, туку повик за сите
Светоста не
е привилегија само за малкумина, туку повик за сите – потсети папата Фрањо во денешниот
говор пред молитвата Ангел Господов, на празникот Сите светци, додавајќи дека целта
на нашето живеење е Рајот, а не смртта.
Светците не се натприродни луѓе, ниту се родиле како совршени.
Тие се како и ние; луѓе кои пред влегувањето во небесната слава живееле нормален живот,
со радости и болки, со маки и надежи; тие се пријатели Божји, бидејќи во својот земски
живот живееле во длабоко заедништво со Бог. Во лицето на малите и презрените браќа
го гледале лицето Божјо, а сега директно ја гледат Божјата убавина – рече папата Фрањо
додавајќи:
Кога ја запознале
Божјата љубов, со целото срце ја следеле, безусловно и искрено; својот живот го потрошиле
служејќи на другите, без омраза поднесувале страдања и неволји, а со добро одговарале
на злото, ширејќи радост и мир. Никогаш светците никого не мразеле, бидејќи љубовта
доаѓа од Бог, - го разбирате ли ова добро? – а од каде доаѓа омразата? Доаѓа ли од
Бог? Не, доаѓа од ѓаволот. А светците се далеку од ѓаволот – рече Светиот Отец.
Истакнувајќи дека
светците се мажи и жени кои во срцето носеле радост и ја пренесувале на другите, Папата
рече дека светоста не е привилегија за неколку, ја немат добиено во наследство. Сите
во крштението го стекнавме наследството на светоста. Сите се повикани на светост.
Сите се повикани да одат по патот на светоста, а тој пат има име и лице, а тоа е Исусовото
лице. Исус Христос нѐ учи како да станеме
свети – рече Папата.
Коментирајќи ги блаженствата
за кои говори литургиското Евангелие, Папата рече дека Царството небесно е за оние
кои имаат вера во Божјата љубов, за сите кои имаат едноставно срце и не се сметаат
за праведни, кои не ги судат други, кои трпат со оние кои страдаат, а се радуваат
со радосните, за кротки и милосрдни, за сите кои настојуваат да бидат миротворци –
рече Светиот Отец
Светците денес велат
да се надеваме на Бог, бидејќи Тој секогаш е верен. Со своето сведоштво нѐ охрабруваат, да не се плашиме да одиме против струјата, или
дека ќе нѐ исмејуваат кога говориме
за Бог и за Евангелието; со својот живот ни сведочат дека оние кои веруваат во Бог
и во неговите зборови веќе овде на земјата ја искусуваат утехата на Божјата љубов,
а стократно поголема утеха во вечноста – рече Светиот Отец додавајќи дека всушност
тоа треба да го бараме за своите покојни браќа и сестри.
Црквата мудро го поврзала празникот Сите светци со Задушница.
Со благодарност до Бог и почитување на светците ја придружуваме нашата молитва за
душите на сите оние кои од овој свет поминаа во живот вечен – рече папата Фрањо и
после Ангеловиот поздрав додаде: духовно ќе бидам соединет со сите кои овие денови
ги посетуваат гробиштата, каде што почиваат мртвите и го чекат денот на воскресението.
Посебно ќе молам за жртвите од насилство, за христијани кои во прогони го изгубиле
животот – рече Папата и потсети на трагедијата во Нигерија.
Посебно ќе молам за нашите браќа и сестри: мажи, жени и деца,
кои починале од глад и жед во нигерската пустина, барајќи услови за подобар живот.
Во весниците овие денови гледаме слики од суровата пустина – рече Светиот Отец, а
потоа ги поздрави учесниците на трката која секоја секоја година на празникот Сите
светци го органзираат фондацијата Дон Боско. Свети Павле би кажал дека христијанскиот
живот е трка за награда на светоста. Вие ни дадовте убав пример – заврши Светиот Отец.