2013-10-31 16:34:34

Папата Фрањо: Мораме еден на друг да си помагаме во верата


Драги браќа и сестри, добар ден! Денес сакам да ви зборувам за една многу прекрасна работа на нашата вера, а тоа е „општеството на светците“. Катехизмот на Католичката Црква не потсетува дека под тој израз се подразбираат две стварности: заедништво во светите работи и заедништво помеѓу светите луѓе (бр.948).

Ќе се задржам на второто значење: станува збор за една од најутешителните вистини на нашата вера, бидејќи нѐ потсетува дека не сме сами веќе постои заедништво меѓу оние кои припаѓаат на Христос. Тоа заедништво се раѓа од вера; имено изразот „свети“ се однесува на оние кои веруваат во Господ Исус и со крштението се „вградени“ во Црквата. Поради тоа првите христијани се нарекувале истотака „светии (сп. Дела 9, 13.32.41; Рим 8,27; 1 Кор 6,1)
1.Во Евангелието по Иван се вели дека, пред страдањето Исус се моли на Отецот за заедништво меѓу учениците, со овие зборови: „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил.“ (17, 21). Црквата во својата длабока вистина, е заедништво со Бог, блиска со Бог, во заедништво на љубовта со Христос и Отецот во Светиот Дух, кое се протега на братско заедништво. Тој однос помеѓу Исус и Отецот е „матрица“ поврзаност меѓу нас христијаните: ако сме длабоко потопени во таа „матрица“, во таа вжарена печка на љубов, тогаш можеме навистина меѓусебно да станеме само едно срце и само една душа, бидејќи во пламенот на Божјата љубов горат нашата себичност, нашите предрасуди, нашите внатрешни и надворешни поделби. Божјата љубов исто така ги согорува и нашите гревови.

2. Ако постои таа вкоренетост во изворот на Љубовта, кое што е Бог, тогаш се случува реципрочно движење: од браќата на Бог; искуството на братско заедништво нѐ води во заедништво со Бог. Меѓусебното единство нѐ води во единство со Бог, нѐ води во поврзаност со Бог кој е наш Отец. Тоа е вториот аспект на „заедништвото на светците“ за кое би сакал да истакнам: на нашата вера и е потребна подршката од другите, посебно во тешки моменти. Ако сме ние обединети, нашата вера станува силна. Колку е убаво меѓусебно да се подржуваме во чудесната авантура на верата! Го велам тоа затоа што тежнењето на затворање во приватна сфера влијае исто така и на верско подрачје, така што многу пати е тешко да бараш духовна помош од оние кои со нас делат христијанско искуство. Кој од нас не доживеал несигурност, лутање или дури сомневање во патот на верата? Тоа сите сме го искусиле, јас исто така: тоа е составен дел на патот на верата, составен дел на нашиот живот. Сето тоа не смее да нѐ изненади, бидејќи сме човечки битија, обележани со кревкост и ограничувања; сите сме кревки, сите имаме граници. Сепак, во тие тешки моменти неопходно е да се довериме на Божјата помош, синовска молитва и истовремено важно е да најдеме храброст и понизност за да се отвориме на другите, да бараме помош, да бараме да ни пружат рака. Колку пати сме го направиле тоа и затоа сме успеале да се извлечеме од неволји и повторно да го најдеме Бог! Во тоа заедништво ние сме големо семејство, каде што сите членови меѓусебно си помагаат и подржуваат.

3. Така доаѓаме до другиот аспект: „општеството на светците“ ги надминува границите на овоземскиот живот, ја надминува смрт и трае засекогаш. Тоа единство меѓу нас го надминува овој живот и продолжува и во другиот живот; тоа е духовно единство кое се раѓа од крштението и не се прекинува со смрта, туку, благодарение на Христос Воскреснатиот, ја наоѓа својата полнина во вечниот живот. Постои длабока и нераскинлива врска помеѓу оние кои се сѐ уште патници на овој свет – помеѓу нас – и оние кои го преминале прагот на смрта и влегле во вечноста. Сите крстени овде на земјата, душите во чистилиштето и сите блажени души кои се веќе во рајот прават едно семејство. Тоа заедништво меѓу земјата и небото се остварува посебно во молитвите за застапништво.

Драги пријатели, ја имаме таа убавина! Тоа е нашата реалност, која сите нѐ прави браќа, која нѐ следи на патот на животот и ни дава да се сретнеме на другиот пат горе на небото. Да чекориме по тој пат со доверба, со радост. Христијанинот мора да биде радосен, радосен што има многу крстени браќа за свои сопатници; што му помагаат браќата и сестрите кој чекорат по истиот пат кон небото како и браќата и сестрите кои се на небото и го молат Исус за нас. Само радосно напред по тој пат!

Апел за Ирак

По завршувањето на аудиенцијата ќе ја поздравам делегацијата на главната управа од Ирак, со претставници од различни верски групи, кои го претставуваат богатството на земјата, во придружба на преседателот на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог кардинал Туран. Ве повикувам да молите за саканиот ирачки народ кој за жал секој ден е погоден од трагични насилства, да го пронајде патот на помирување, мир, единство и стабилност.

Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.