2013-10-12 10:38:36

Од проповедта на Папата: Да бидеме внимателни на подвалите од демонот


Секогаш мораме да бидеме внимателни на подвалите на демонот – рече Папата Фрањо на светата Литургија на 11 октомври во капелата на дом Света Марта. Светиот Отец истакна дека Исусовата победа над злото не може да се следи „делумно“ и напомена дека не смееме да ја релативизираме вистината во борбата против демонот.

Исус го истерува ѓаволот, а некој тоа го толкува за да ја намали Господовата сила. Папата Фрањо во проповедта говореше за делот од Евангелието од денешната Литургија, и веднаш истакна дека секогаш постои искушението за да се ограничи Исусовиот лик, како да е „повеќе некој исцелител“ кој не треба да се сфаќа премногу сериозно. Такво однесување дојде и во нашите денови – забележа Светиот Отец.

Има некои свештеници кои, кога го читаат тој дел од Евангелието, или некои други, велат: „Но Исус го оздрави тој човек од психичка болест.“ Вистина е – додаде Папата – дека во тоа време епилепсијата можела да се помеша со опседнатост од ѓавол; но еднакво е иста и вистината дека ѓаволот постоел! И ние немаме право тоа да го правиме премногу едноставно, да кажеме, пример,: „Сите тие не биле опседнати со ѓавол, биле психички болни.“ Не! – истакна Папата – Присутноста на демонот е на првата страна од Светото Писмо, кое и завршува со присутноста на ѓаволот, и тоа со Божја победа над него.

Поради тоа не смееме да бидеме наивни – предупреди Светиот Отец и додаде дека Господ ни дава некои мерила за да ја распознаеме присутноста на злото, и за да можеме кога ќе дојде искушението да тргнеме по христијанскиот пат. Едно од мерилата е Исусовата победа над злото да не ја следиме „делумно.“ Или си со мене, или си против мене, вели Господ. Исус дојде – додаде Папата за да го уништи ѓаволот, за да не ослободи од ѓаволското ропство. И не може да се каже дека со тоа претеруваме – предупреди Светиот Отец. Тука нема нијанси. Тука е во прашање борба за здравје, вечно здравје, вечно спасение за сите нас.

Друго мерило е будноста. Треба секогаш да бидеме внимателни, да внимаваме на подметнувањата, на заведувањето на злото – потикна Папата. И можеме да се запрашаме: „Бдеам ли над себе, над своето срце, над своите чувства, над своите мисли? Го чувам ли богатството на благодатта? Ја чувам ли во себе присутноста на Светиот Дух? Или сѐ оставам така, уверен дека сѐ добро ќе помине?“ Но ако ти тоа не го чуваш – напомена Папата – ќе дојде некој кој е посилен од тебе. А ако дојде некој посилен од него, тој го победи, му го одзеде оружјето на кое се надеваше и го раздели пленот.

Всушност, има три мерила – повтори Светиот Отец. Исус се бори против ѓаволот – е првото мерило. Второ: Кој не е со Исус против Него е. Нема делумно однесување. Трето мерило: внимателност кон сопственото срце, бидејќи ѓаволот е лукав. Никогаш не може засекогаш да се истера! Тоа ќе биде можно само последниот ден – напомена папата Фрањо.

Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот – рече Светиот Отец – лута по пусти места барајќи спокој, и кога нема да го пронајде, вели: „Ќе се вратам во својата куќа од каде што излегов.“ И ќе ја најде изметена и уредна. И тогаш оди и зема со себе седум други духови, полоши од себе, тие влегуваат и се населуваат тука. И така на тој човек ќе му биде полошо од порано – рече Светиот Отец –цитирајќи од Евангелието и истакна – Важна е будноста бидејќи неговата стратегија е следната: „Си станал христијанин, оди напред во својата вера, јас ќе те оставам на мир. Но подоцна кога ќе се навикнеш, кога веќе нема да бидеш внимателен и кога ќе се чувствуваш сигурен, јас ќе се вратам.“ Денешното Евангелие – додаде Папата – започнува со истерување на ѓавол и завршува со ѓаволот кој се враќа! Свети Петар говорел: „Тој е како див лав кој кружи околу нас.“

Забележувајќи потоа дека некој би можел да каже: Оче, но вие малку сте старомоден! Нѐ плашите со такви работи. Папата Фрањо истакна дека тоа не се негови зборови. Тоа е Евангелието! – истакна – И тоа не е лага, тоа е Божјо Слово! Да молиме од Господ милост тоа да го сфатиме сериозно. Тој дојде за да се бори за нашето спасение. Тој го победи ѓаволот! Ве молам, немојте да влегувате во работа со ѓаволот! Тој сака да се врати во куќата, да владее со нас... Не треба да го релативизираме, туку да бдееме! И тоа секогаш со Исус – истакна на крајот папата Фрањо.

Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.