2013-10-09 12:24:58

Папата Фрањо најави вонредно Генерално собрание на Епископската синода


Папата Фрањо најави трето вонредно Генерално собрание на Епископската синода, кое ќе се одржи во Ватикан од 5 до 19 октомври 2014 година на тема „Пасторалните предизвици на семејствата во контекст на евангелизацијата“.

Закажувањето на вонредната синода за пасторал на семејствата е многу важно – истакна директорот на Канцеларијата за печат при Светата Столица, патер Федерико Ломбарди додавајќи дека тоа е начин на кој Папата сака да продолжи со размислувањето и чекорењето на црковната заедница, со одговрно учество на епископите од разни страни на светот.

Добро е Црквата да делува како заедница во размислувањето и молитвите, одредувајќи ги заедничките пасторални насоки во најзначајните точки – како што е грижата за семејствата – и под водството на Папата и епископите.

Закажувањето на вонредната сионда јасно го покажува тој пат – истакнува патер Ломбарди. Осврнувајќи се на новинарските текстови за документот кој го објави една пасторална канцеларија на Бискупијата Фрајбург, за прашањето на разведените и повторно венчани лица, патер Ломбарди напомена дека предлагањето на некои посебни пасторални решенија од страна на поединци или локалните канцаларии може да предизвикаат недоразбирања.

Добро е да се истакне важноста на чекорењето во целосното заедништво со црковната заедница – напомена директорот на Канцеларијата за печат при Светата Столица. На крајот да потсетиме дека тоа ќе биде трето вонредно Генерално собрание на Епископската синода.

Имено, првата е одржана 1969 година на тема епископски конференции и колегијалност на епископите, а другата во 1985 година посветена за спроведувањето на Вториот ватикански собор. Одлуката за вонредна епископска синода, наместо редовна, според 4. член од Правилникот за епископски синоди, се донесува кога предметот за кој треба да се расправа, доколку се работи за доброто на општата Црква, бара итно решение.

На вонредната генерална синода учествуваат патријарси, митрополити, претседатели на националните епископски конференции; претседатели на епископски конференции на повеќе нации; три монаси, претставници на монашките заедници, кои ги одбира Унијата на вишите поглавари; како и раководители на дикастериите на Римската курија.


Е.А.








All the contents on this site are copyrighted ©.