2013-10-07 13:00:39

Папата во Асизи: Црквата мора да се ослободи од световноста


На 4 октомври после средбата со децата со тешкотии во развојот и болните во Институтот Серафико папата Фрањо со папамобилот пристигна во црквата Свети Дамјан, второто одредиште од неговата еднодневна пасторална посета на родниот град на свети Фрањо – Асизи.

На тоа место Фрањо, молејќи пред распетието, слушна глас: „Поправи ја мојата куќа“. Таа случка ќе остави длабока трага на Фрањо. На истото место, пред крајот на својот живот, ја состави Песната на созданијата. Познатото распетие во црквата Свети Дамјан потекнува од 11 век. Посетата на Папата на црквата Свети Дамјан беше од строго приватен карактер. Во црквата Папата беше дочекан од генералниот министер на „Редот на малите браќа“ о. Михаел А. Пери и тамошната монашка заедница.

Папата потоа го посети епископскиот двор каде во Салата на соблекувањето на свети Фрањо се сретна со сиромашните, штитеници на Каритас. И овој пат Папата на собраните им се обрати спонтано. Ова е, рече Папата, добра можност да упатиме повик до Црквата да се оплемени самата себе. Меѓутоа Црквата, тоа сме сите ние! Сите! Од првиот крштеник, сите сме Црква. И сите мораме да одиме по Исусовиот пат, кој помина по пат на оплеменување. Стана слуга, оној кој служи; сакаше да биде понижен, сe до крстот. И ако сакаме да бидеме христијани нема друг пат.

„Меѓутоа, не можеме ли да создадеме едно похумано христијанство“? – прашуваат некои: без крст, без Исус, без одрекнувања. И што ќе биде тогаш, праша Папата, ќе станеме христијани од слаткарница, како убави торти, како убави слатки колачи... Убави, меѓутоа не вистински христијани! Некој ќе каже: „Од што мора да се ослободи Црквата“? Мора денеска да се ослободи, одговори Папата, од најголемата опасност, која се заканува на секоја личност во Црквата, на сите: тоа е опасноста од световноста. Христијанинот не може да живее со духот на светот. Световноста не доведува до суета, вообразеност, гордост. И тоа е еден идол, тоа не е Бог. Тоа е идол! А идолопоклонството е најголем грев, зарем не!
Кога во јавните медиумите се говори за Црквата, сите мислат дека Црквата се свештениците, чесните сестри, епископите, кардиналите и Папата. Меѓутоа Црквата сме сите ние, како што реков. И сите мораме да се ослободиме од таа световност: тој дух е во спротивност со духот на блаженствата: дух спротивен на Исусовиот дух. Световноста ни прави зло. Така жалосно е да се види световен христијанин, нишан во сигурност која – барем тој така мисли! – му дава вера и сигурност која му ја дава светот. Исус стана слуга за нас и световниот дух тука нема место.

Многумина од вас, рече Папата обраќајќи се на насобраните сиромаси, се оттргнати од овој див свет кој не дава работа, кој не помага. Не е важно што има деца кои умираат од глад во светот; не е важно што некои семејства немаат што да јадат, немаат достоинство да донесат леб дома; не е важно што многумина мораат да бегаат од ропство, глад и барајќи слобода и со колкава само болка гледаме дека, толку пати, наоѓаат смрт, како што видовме вчера што се случи на Лампедуза. Денеска е ден на плачот! Тие работи ги прави духот на светот. Всушност смешно е да еден христијанин, еден вистински христијанин, еден свештеник, една чесна сестра, еден епископ, еден кардинал, еден папа да сакаат да одат по патот на таа световност која е смртоносен став. Духовната световност усмртува! Ја усмртува душата! Ја убива личноста! Ја убива Црквата!

Денеска овде молиме за таа милост за сите христијани, нашиот Господ на сите нас да ни даде храброст за одрекнување, но не од 20 лири, тоа не, туку да се ослободиме од духот на светот, кој е лепра, рак на општеството! Тоа е рак на Божјата објава! Духот на светот е Исусов непријател! Го молам Господ на сите нас да ни ја даде таа милост на ослободување, рече Папата.

РВ/С.С.








All the contents on this site are copyrighted ©.