2013-09-17 10:05:45

Без љубов и понизност не може да се управува со народот


Понизност и љубов се двете главни крепости на оние кои управуваат, а граѓаните – особено католиците – за политиката треба да се интересираат – истакна Папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во понеделник 16 септември во капелата на дом Света Марта, потикнувајќи на молитва за управителите. Денешното Евангелие, за стотникот кој понизно и со доверба моли за оздравување на својот слуга, и Посланието на свети Павле до Тимотеј, го поттикнаа Светиот Отец на размислување за службата на оние кои управуваат. Кој управува некоја земја или народ, треба тој народ да го сака, бидејќи ако не го сака, не може да го управува. Таков може да направи ред, но не и да го води народот. Папата потсети на љубовта на Давид кон народот, кога го молел Бог да го казни него, бидејќи погрешил, а не народот. Според тоа, две се крепостите на оние кои владеат: љубов кон народот и понизност – рече Светиот Отец. Без љубов и понизност не може добро да се владее! Секој маж и жена, пред стапување на власт мора да се запрашат: „Го љубам ли овој народ за да можам подобро да му служам?“ Дали сум понизен и подготвен да ги слушам другите, различни мислења, дали можам да го избирам најдобриот пат? Ако не се преиспита на овој начин, неговото управување нема да биде добро. Управител, маж или жена, ако го сака својот народ, понизни се – истакна Светиот Отец. Осврнувајќи се на посланието на свети Павле, Папата кажа дека свети Павле го поттикнува народот да моли за управителите за да можат да живеат во мир. Граѓаните треба да се интересираат за политика – забележи Папата објаснувајќи: Никој не треба да вели: „Што се однесува тоа на мене, тие владеат...“ – Не, бидејќи и јас сум одговорен за нивното владеење и треба да придонесам тие да владеат подобро и според своите можности, треба да учествувам во политиката. Политиката е највозвишениот облик на љубов – вели социјалната наука на Црквата, бидејќи е служење за општо добро. Не може да се мијат раце од сѐ. Сите треба за тоа со нешто да придонесеме – рече Светиот Отец. Осврнувајќи се на озборувањето на политичарите и нивната работа, рече дека средствата за информирање постојано ги напаѓаат и секогаш се против нив. Можеби тие се грешни; бил и Давид, но јас со своето мислење, со своите зборови и своите опомени истотака, треба со нив да соработувам бидејќи во општото добро мораме сите да учествуваме. А колку често сме слушнале како говорат: „Добар католик не се меша во политика...“ – тоа не е вистина. Таков пат не е добар – забележи папата Фрањо. Добар католик се интересира за политика, давајќи сѐ од себе за да може политичарот да управува. А која е најдобрата работа која можеме да им ја понудиме? Тоа е молитвата, всушност тоа што го вели свети Павле: Молитва за сите луѓе, за царот и за сите кои се на власт. Некој би можел да каже: „Оче, тој човек е лош, треба да заврши во пеколот...“ – Моли се за него за да може добро да владее, да го сака својот народ, да биде понизен и да му служи! Ако христијанинот на моли за управителите, тогаш не е добар христијанин – рече Папата додавајќи: Некој би можел сега да праша: „Оче, како да молам за него, кога не е добар...? – Моли за да се преобрати, моли! Не го велам тоа јас, туку свети Павле, Словото Божјо. Да дадеме сѐ од себе: идеи, предлози, сѐ најдобро, а најдобра е молитвата. Да молиме за нашите управители добро да владеат; да напредува татковината, народот и светот; да завладее мир за општо добро – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.