2013-09-16 10:24:04

Светот се спасува преку Божјото милосрдие, а не преку човечката праведност


Божјото милосрдие, а не човечката правда ќе го спаси светот – рече папата Фрањо во попладневниот говор на молитвата Ангел Господов во недела 15 септември, обраќајки се на собраните верници на плоштадот Свети Петар, и покрај врнежливото време. Во катехезата Папата говореше за Евангелието од денешната Литургија, во кое се говори за трите параболи за милосрдието: за изгубената овца, за изгубената драхма, како и за блудниот син, и синот кој се смета за праведен, свет. Параболите зборуваат за Божјата радост. Но што е Божјата радост? - запраша Светиот Отец и истакна:

Божјата радост е простувањето! Тоа е радоста на пастирот кој повторно ја пронаоѓа својата овца; радоста на жената која ја пронаоѓа драхмата; тоа е радоста на таткото, кој повторно го прима својот син кој се изгуби, кој беше како мртов и се врати во животот, се врати дома. Тука е целото Евангелие, тука е целото христијанство! – истакна папата Фрањо и предупреди – Но внимавајте, тоа не е чувство, не е тоа „претерана добрина“! Напротив, милосрдието е вистинска сила која може да го спаси човекот и светот од „ракот“ на гревот, кој што е зло за моралот и духовноста. Само љубовта ги исполнува празнините и негативните провалии кои злото ги отвора во срцето и целата историја. Тоа може да го направи само љубовта, и тоа е Божјата радост – истакна Светиот Отец.

Исус е целиот милосрдие, целиот Тој е љубов, Тој е Бог кој стана човек – рече потоа Папата. А секој од нас е она изгубена овца, онаа изгубена драхма, секој од нас е оној син кој ја уништи својата слобода, наследувајќи лажни идоли и привидна среќа, и загуби сѐ. Но Бог не нѐ заборава, Отецот никогаш не нѐ напушта. Тој е трпелив Отец, секогаш нѐ чека! Ја почитува нашата слобода, но секогаш останува верен – напомена Светиот Отец и додаде – А кога ќе му се вратиме, нѐ прима како деца, во својата куќа, бидејќи никогаш не престанува да нѐ чека, па ни за момент, и тоа со љубов. И неговото срце се радува за секое дете кое ќе се врати. Тоа е за Бог радост, кога некој од нас грешниците ќе дојде кај Него и бара од него простување.

Меѓутоа постои опасноста да се замислуваме дека сме праведници, и да ги судиме другите. Но на тој начин – според зборовите на Папата – го осудуваме Бог, бидејќи мислиме дека треба да ги казни грешниците, да ги осуди на смрт, а не да им простува. Во тој случај би можеле да останеме надвор од куќата на Отецот! Како и постариот брат од параболата, кој наместо да биде задоволен поради тоа што се врати неговиот брат, се налути на татко му, затоа што го прими и подготви веселба.

Ако во нашето срце нема милосрдие, радост за простување, не сме во заедништво со Бог, иако ги почитуваме сите заповеди, бидејќи љубовта е таа која спасува, а не само почитувањето на заповедите. Преку љубовта кон Бог и ближниот ги исполнуваме сите заповеди. А Божјата љубов, неговата радост е простувањето – рече Папата и напомена дека Бог секогаш нѐ чека. Ако некој во своето срце има некое бреме, Тој те чека! Тој е Отец, секогаш нѐ чека – истакна папата Фрањо.

Напомнувајќи потоа ако живееме по законот „око за око, заб за заб“, Светиот Отец рече дека никогаш нема да можеме да излеземе од спиралата на злото. Злото е лукаво и нѐ заведува дека со својата човечка праведност можеме да се спасиме себе и светот. Поточно, само Божјата праведност може да нѐ спаси! – истакна Светиот Отец. А Божјата праведност се очитува на Крстот. Крстот е Божјиот суд за сите нас и за светот. Но како суди Бог? – запраша Светиот Отец. Давајќи го животот за нас! Тоа е најголем чин на праведност, кој еднаш засекогаш ги победи сите кнезови од овој свет. А тој најголем чин на праведност, всушност е и најголем чин на милосрдие – рече Светиот Отец, истакнувајќи дека Исус нѐ повикува сите да одиме по тој пат: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Отец“ (Лука 6.36).

Сега ќе ве замолам за една работа – рече Папата започнувајќи дијалог со присутното мноштво – да го направиме сите тоа во тишина. Секој од вас нека помисли на некое лице со кое нема добри односи, на кого сме лути, оној кој не го сакаме. Да мислиме на тоа лице во тишина, во овој момент да молиме за тоа лице и да бидеме милосрдни кон него – поттикна Светиот Отец.

По молитвата Ангел Госоподов, Папата потсети дека вчера во Аргентина е прогласен за блажен Хозе Габриел Брохеро, примерен свештеник кој на мазга неуморно поминуваше низ тешките патишта на својата парохија, барајќи ги луѓето кои му се доверни за да ги доведе до Бог. Поминувал километри и километри, јавајќи низ планинските патишта на својата мазга која се викала „Грдолице“, бидејќи, додаде Папата смеејќи се – не била многу убава.... Јавал и кога врнело, бил многу храбар... Но и вие сте храбри, бидејќи сте тука на овој дожд, браво! – рече Светиот Отец и додаде дека сега веќе блажениот Хозе Габриел Брохеро на крајот ослепел и се заразил од чума, но останал полн со радост, со радоста на Добриот Пастир, со радоста на милосрдниот Пастир.
РВ/го*ко








All the contents on this site are copyrighted ©.