2013-09-13 10:05:31

Папата одговори на прашањата на новинарот Скалфари


Папата се обрати со отворено писмо до неверниците. Писмото е објавено во левичарскиот италијански дневен весник “Ла Република” (La Repubblica) во изданието од 11 септември и е одговор на отвореното писмо на Евгениј Скалфари, основач и долгогодишен главен уредник на весникот и водач на италијанските антицрковни мислители. Скалфари, како што известува германската програма на Радио Ватикан, после читањето на енцикликата Светло на верата (Lumen fidei), напиша отворено писмо насловено како: Прашањата на еден неверник до папата исусовец, кој себе се нарекува Фрањо. На почетокот на писмото Папата се осврна на парадоксот дека христијанската вера, чија новина за човештвото често се означува со симболот на светлината, меѓу модерните мислители се опишува како темнина на празноверието кое е спротивно на светлото на разумот. Папата ги поттикнува неверниците заедно со христијаните да се вклучат во отворен и искрен дијалог и да одговорат на прашањата: Им простува ли Бог на неверниците? Постои ли апсолутна вистина? Дали е Бог плод на човечкиот ум? Одговарајќи на прашањата кои ги постави италијанскиот новинар и публицист, Папата истакна дека – ако се прашува дали им простува Бог на неверниците - одлучувачки за нив е да ја слушаат својата совест во изборот на добро и зло. Божјото милосрдие, истакна Папата, нема граници кон оние кои го бараат со искрено и понизно срце. Осврнувајќи се на прашањето за апсолутната вистина, Папата рече дека преферира да зборува за вистината со термини на динамичниот однос меѓу секој христијанин и Исус кој рече дека е „пат, вистина и живот”. Вистината за Божјата љубов, потенцира Папата, не е субјективна, туку единствено може да се искуси и изрази како патување, жив однос меѓу секој од нас во нашите различни културни и општествени разлики. Одговарајќи на третото прашање на Скалфари, поглаварот на Католичката Црква ја отфрли тезата за Бог како творба на човечкиот ум која ќе исчезне заедно со човештвото на земјата. Според моето искуство и искуството на други христијани денес и низ историјата, Бог не е човечка идеја , туку е „реалност” за вистинска доброта и милосрдие, која на нас ни е откриена преку неговиот Син, Исус од Назарет. Осврнувајќи се на изворот на христијанската вера во односот со другите религии, Папата го истакна Исус кој нѐ собра како Божји синови и ќерки, браќа и сестри. Според тоа христијанска задача е да им се овозможи на сите Божја љубов и тоа не на надмоќен начин, туку служејќи на сите луѓе, особено на оние кои се наоѓаат на работ од општеството. На крајот на писмото папата Фрањо зборуваше за односот на христијанстово и еврејството, и ја изрази својата длабока почит и пријателство кон еврејската вера.
РВ/Б.У








All the contents on this site are copyrighted ©.