2013-09-09 10:42:53

Папата Фрањо: Продолжуваме понатаму со молитва и дела за мир


Во говорот на молитвата Ангел Господов во недела 8 септември Папата меѓу останатото, ја осуди нелегалната трговија со оружје и повика да се продолжи да се моли за мир во Сирија и целиот свет. Толкувајќи ја Исусовата паробола за царот кој заминува во војна, Папата рече дека во овој момент кога упатуваме силна молитва за мир, Божјото Слово нѐ допира и во суштина ни вели: има една длабока војна во која сите мора да се впуштиме, сите! Тоа е силна и храбра одлука да се откажеме од злото и неговите заседи и да го избереме доброто, подготвени за тоа лично да платиме: тоа значи да се наследува Христос, тоа значи да се земе сопствениот крст! Тоа е длабока војна против злото! Која е целта да се водат војни, толку војни ако не си способен да ја водиш таа длабока војна против злото. Тоа не користи за ништо. Тоа едноставно не оди... Таа војна против злото, меѓу другото, подразбира да се каже не на братоубиствената војна и на лагите на кои се служи, на насилството во сите негови облици, ширење на оружјето и неговата нелегална трговија... А толку многу го има! Војна овде, војна таму, бидејќи насекаде се војни, дали тоа навистина е војна заради проблеми или е трговска војна заради продажба на тоа оружје во нелегална трговија? Тоа се непријателите против кои мораме сложно и доследно да се бориме, не водејќи се од други интереси освен од мирот и општото добро, истакна Папата. После молитвата Папата упати зборови на благодарност кон сите кои на разни начини, во сабота вечер продолжија со молитвеното бдение и постот. Нашето заземање продолжи: одиме напред со молитва и дела на мирот! Ве повикувам и вас да продолжите да молите веднаш да престане насилството и уништувањето во Сирија и да се работи со посветеност за праведно решавање на таа братоубиствена војна. Да молиме и за другите блискоисточни земји, посебно за Либан, да ја пронајде посакуваната стабилност и да продолжи да биде пример на соживот; за Ирак, секташкото насилство да отстапи место на помирувањето; и за мировниот процес помеѓу Израелците и Палестинците да напредува одлучно и храбро. Да молиме и за Египет, сите Египтјани, муслимани и христијани, да се заземат за изградување на општество за доброто на целото население. Барањето мир е долготраен процес и бара трпение и упорност. Да продолжиме да молиме, повика Папата.

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.