2013-09-02 11:40:54

Папата Фрањо: Никогаш повеќе војни!


Драги браќа и сестри, добар ден!

Денес, драги браќа и сестри, сакам да се придружам на крикот кој со сѐ поголема мака се издигнува од сите краеви на светот, од сите народи, од срцето на секој човек, од едно семејство кое е човештвото: тоа е крик за мир! Тоа е крик кој силно одекнува: сакаме свет во кој владее мир, сакаме да бидеме мажи и жени на мирот, сакаме во овој наш свет, растргнат од поделби и конфликти да завладее мир: никогаш повеќе војни! Никогаш повеќе војни! Мирот е прескапоцен дар кој треба да се промовира и чува. Има многу борби и конфликти во овој наш свет, што во мене буди длабока болка и загриженост. Во овие денови моето срце е длабоко рането посебно за она што се случува во Сирија и обземен сум од вознемиреност заради драматичниот тек на случувањата кои се наѕираат.

Упатувам силен повик за мир, повик што извира од длабочината на моето битие! Колку страдања, колку уништувања, колку болка донесе и донесува употребата на оружје во таа измачена земја, посебно помеѓу цивилите и невооруженото население! Да помислиме само колку деца не можат да го видат светлото на иднината! Посебно силно ја осудувам употребата на хемиско оружје! Ви кажувам дека уште ми се во мислите и во срцето страшните слики од минатите денови! Постои Божји суд и суд на историјата за нашите дела од кои не може да се побегне! Употребата на оружјето никогаш не донесува мир. Војната предизвикува војна, насилството предизвикува насилство. Со сите сили барам од завојуваните страни да го послушат гласот на сопствената совест, да не се затворат во сопствените интереси, туку во другиот да гледаат брат и храбро и одлучно да го следат патот на средба и преговори и така да биде надминато слепото . Исто силно ја повикувам меѓународната заедница да ги вложи сите напори, без понатамошно двоумење, да покрене јасна иницијатива за мир во тој народ, кој ќе се темели на дијалог и преговори, за доброто на целиот сириски народ.

Нека не се штедат напорите за да се гарантира хуманитарната помош на оние кои се погодени од тој страшен конфликт, посебно на раселените и бројните бегалци во соседните земји. Хуманитарните работници, кои работат на ублажување на страдањето на населението, нека обезбедат улови за давање на потребната помош. А ние што можеме да направиме за мир во светот? Како што говореше Папата Иван: на сите луѓе заедничка задача е воспоставување во општеството нови односи водени од праведност и љубов (сп. енциклика Мир на земјата (Pacem in terris) од 11. април 1963: AAS 55 [1963], 301-302). Сите мажи и жени со добра волја нека поврзат ланец за заземање за мир! Тоа е силен и итен повик кој го упатувам до целата Католичка Црква, но мојот повик се протега и на сите христијани од другите вероисповеди, мажи и жени од сите религии како и до браќата и сестрите кои не веруваат: мирот е добро кој ги надминува сите бариери, бидејќи е добро за целото човештво. Со силен глас повторувам: соживотот во народите и меѓу народите не гради култура на конфликти и култура на војни, туку култура на средби, култура на дијалог: тоа е единствен пат за постигнување на мир.

Нека повикот за мир се вивне далеку да допре до срцата на сите и сите да го положат оружјето и да пуштат да ги води стремежот за мир.

Заради тоа, браќа и сестри, одлучив 7 септември, во предвечерието на празникот Раѓање на Пресвета Богородица, Кралица на мирот, во целата Црква да го прогласам за ден на пост и молитва за мир во Сирија, на Блискиот Исток и во целиот свет и повикувам на таа иницијатива да се приклучат, на начин кој го сметаат најсоодветен, браќата христијани не католици припадници на другите религии и луѓето со добра волја. Истиот ден на 7 септември на плоштадот Свети Петар - овде од 19 до 24 часот ќе се собереме на молитва и во духот на покора да го молиме од Бог тој голем дар за саканиот сириски народ и за сите места каде што владеат конфликти и насилства. Човештвото има потреба да види гест на мир и да слушне зборови на надеж и мир! Барам од сите месни Цркви освен тој ден на пост, да организираат некој литургиски чин по таа накана. Да ја молиме Марија да ни помогне на насилството, конфликтот и војната да одговориме со силата на дијалогот, помирувањето и љубовта. Таа е мајка: нека ни помогне да пронајдеме мир; сите сме ние нејзини деца! Помогни ни Маријо, да ги пребродиме овие тешки моменти и заземајќи се секој ден и во сите средини околу изградување на вистинска култура на средби и мир. Маријо, Кралице на мирот, моли за нас!

РВ/Д.И.








All the contents on this site are copyrighted ©.