2013-09-02 11:42:33

Папата го именува монсињор Пиетро Паролин за нов Државен секретар


Согласно канон 354 од Законикот на канонско право, Светиот Отец ја прифати оставката од Државниот секретар кардинал Тарчизио Бертоне. Папата од кардинал Бертоне побара да остане на досегашната должност со сите овластувања до стапувањето на должност на новиот Државен секретар. Истовремено Светиот Отец го именува кардинал Пиетро Паролин за нов Државен секретар, кој ќе стапи на должност на 15 октомври. Во оваа прилика Светиот Отец во домот Света Марта на посебна аудиенција во сабота 31 август прими повеќе раководители и службеници од Државниот секретаријат на чело со кардинал Бертоне. Папата ги прими високите службеници јавно да му заблагодари на кардинал Бертоне за великодушното и верно служење на Светата Столица, како и да го претстави на присутните новиот Државен секретар.

Монсињор Паролин е роден во Скијавоне, во италијанската провинција на Виченца, на 17 јануари 1958 година. За свештеник е ракоположен на 25 години и беше назначен за помошен - парохиски свештеник во парохијата „Пресветата Троица" во Скио. Во 1983 година пристапува на Папската црковна академија. Во дипломатската служба на Светата Столица стапува во нунцијатурата на Нигерија и Мексико. Во 2002 година се враќа во Рим, каде што е назначен за заменик - секретар на одделот за односи со државите, работејќи особено за односите меѓу Светата Столица и азиските земји, посебно Виетнам и Кина. Од 2009 година е нунциј во Венецуела и во истата година во базиликата Свети Петар е хиротонисан за епископ од папата Бенедикт XVI.

Веднаш по именувањето монсињор Паролин испрати порака од Каракас при што се заблагодарува на папата Фрањо за неговата доверба и ја потврдува неговата волја и подготвеност да соработува со Светиот Отец и под негово раководство да допринесе за поголема Божја слава, доброто на Црквата и напредокот и мирот на човештвото.

РВ/го*ко







All the contents on this site are copyrighted ©.