2013-08-16 13:01:42

Папата Фрањо: Богородица ни помага во борбата со силите на злото


Марија е во небесната слава, но секогаш е со нас во секое искушение, посочи папата Фрањо во проповедта на Светата Литургија во Кастел Гандолфо за празникот "Успение на Пресвета Богородица". Папата ја предводеше светата Ллитургијата на плоштадот пред Апостолската резиденција во Кастел Гандолфо. Папата беше поздравен од парохискиот свештеник на Кастел Ганодлфо, отец Пјетро Дилети кој ја изрази радоста на локалната заедница за овој долгоочекуван настан.

Илјади верници, меѓу кои група Кинези и Мексиканци се собраа уште од рано утро на плоштадот пред резиденцијата. Поводот е двоен: празникот „Успение на Пресвета Богородица", како и средбата со Папата Фрањо, кој беше во Кастел Гандолфо последен пат пред точно еден месец, односно на 14 јули.

На почетокот од својата проповед Папата потсети на сликата за Дева Марија дадена во догматската конституција од Вториот Ватикански собор "Lumen gentium": „Марија блеска над земјата, како знак на сигурна надеж и утеха за ходочасничкиот Божји народ". При тоа Папата своите главни мисли ги упати на три клучни зборови: „борба, воскресение, надеж". Во книгата Откровение на свети Иван Богослов, Светиот Отец рече: „се зборува за борба меѓу жената и змевот". Жената, која е олицетворение на Црквата која „од една страна е триумфирачка, а од друга страна страда од породилни болки". Така е и со Црквата, рече Папата, „која низ историјата доживува постојано искушенија и предизвици, кои доведуваат до конфликт меѓу Бог и злото". Борба која ние не треба да да ја водиме сами:

„Мајката на Христос и Црквата секогаш е со нас. Таа секогаш оди до нас. Исто така и Дева Марија ја споделува со нас таа двојна состојба. Таа е веќе еднаш засекогаш во Небесната слава, но тоа не значи дека е и далеку од нас. Дева Марија ни се придружува, се бори заедно со нас, ни помага на нас христијаните во борбата со силите на злото".

Затоа, молитвата со Дева Марија, како светата Бројаница „е своевидна борба со силите на злото". Од тука Папата се задржа на воскресението, нагласувајќи дека „да си христијанин значи да веруваш дека Христос навистина воскресна од мртвите". Целата наша вера, додаде тој, „се базира на оваа основна вистина која не е една идеја, туку настан". Исто така и тајната на Успението на Пресвета Богородица се вклопува во Воскресението Христово:

„Човечката природа на Марија беше „привлечена" од Синот во нејзиниот премин низ смртта. Исус влезе еднаш засекогаш во вечниот живот со сета човечка природа, која ја наследи од Марија; така Таа, Мајката, која го следеше верно низ целиот живот и со сето свое срце, влезе со Него во вечниот живот, кој ние го нарекуваме Небеса, Рај, дом на Отецот".

Дева Марија, истакна Папата, „го спознава мачеништвото на Крстот, мачеништвото на своето срце. Таа многу страдаше во своето срцето при страдањето на Исус на крстот":

„Таа беше потполно соединета со Него во смртта и затоа ѝ беше даден дарот на воскресението. Исус е првиот од воскреснатите, а Марија е првата од откупените, првата од оние кои се Христови".

Папата Фрањо се задржа и на поврзаноста помеѓу Дева Марија и надежта. Надеж, истакна Светиот Отец, „е доблест својствена на оној кој ја искусува борбата меѓу животот и смртта, меѓу доброто и злото, верува во Воскресението Христово, во победата на Љубовта". Химната на Марија „ Мојата душа Го велича Господа", истакна Папата „е химна на надеж на Божјиот народ, одење низ историјата":

„Ова е химна на бројни светци и светици, некои познати, други помалку познати, но познати на Бог: мајки, татковци, катехисти, мисионери, свештеници, монахињи, млади, но исто така и деца, баби и дедовци. Сите тие се сретнаа во борбата на животот, носејќи во срцето надеж на малите и понизните".

Оваа химна, посочи Папата, „добива сила таму каде Телото на Христос денес го доживува неговото страдање". Марија е таму, „во близина на овие заедници, до оние наши браќа, оди со нив, страда со нив, и со нив ја пее химната на надежта":

„За нас христијаните каде е крстот, таму е и надежта: секогаш. Ако немаме надеж, тогаш не сме христијани. Затоа сакам да кажам: не дозволувајте да ви се одземе надежта. Да не ни ја одземат надеж, бидејќи оваа сила е благодат, дар Божји, кој нè води напред кон Небесата".

„Драги браќа и сестри - заврши Папата - да се приклучиме, со сето свое срце, кон оваа химна на трпение и победа, на борба и радост, која ја обединува целата победничка Црква со ходочасничката Црква, која ги обединува земјата со Небесата, нашата историја со вечноста кон која сме упатени".








All the contents on this site are copyrighted ©.