2013-08-15 14:23:54

Папата го посети манастирот на сестрите Клариси во Кастел Гандолфо


За време посетата на Кастел Гандолфо по повод празникот Успение на Пресвета Богородица, папата Фрањо го посети манастирот на сестрите Клариси, кој се наоѓа во близна на ова мало гратче.

Само еден месец од неговата последна посета во Кастел Гандолфо, 14 јули, Светиот Отец повторно го посети ова мало гратче сместено на планината Албано. Како и пред еден месец, така и овој пат, тој се сретна со сестрите Клариси. Минатиот месец, посетата беше неочекувана: „Дојдов тука, бидејќи знам дека се молите за мене", рече Папата на сестрите, заблагодарувајќи им за нивниот контемплативен живот и на нивните молитви.

И претходниците на папата Фрањо во минатото се сретнуваа со сестрите Клариси од Кастел Гандолфо: на 15 септември 2007 година, папата Бенедикт XVI ги прими на аудиенција во Апостолска палата и ги повика да бидат „најжешкиот пламен на љубовта, со раце подигнати кон небото во постојана молитва". Тогаш почесниот Папа ги повика да го дадат „нивниот посебен придонес за апостолската и мисионерска дејност на Црквата во светот". На 14 август 1979 година Иван Павле II служеше литургија во капелата на манастирот и целото човештво го довери на молитвите на сестрите: „Вие не го оставивте светот, за да немате маки во него. Сите тие маки ги носите во срцето и го подржувате човештвото со вашата молитва, со вашето присуство, повлечено, но вистински, со заедницата и со Црквата". Зборови кои потсетуваат на оние на Павле VI, кој се сретна со нив на 3 септември 1971 година велејќи им: „Вие сте верни на правилот на заеднички живот, сиромаштво, вие сте семе и знак."

Односот на сестрите Клариси со папите и со Кастел Гандолфо е древна: на 18 март 1631 година со доаѓањето на папите во ова малото гратче близу Рим го преземаат и управувањето на манастирот. Два века подоцна, војните и опкружувањта ги принудуваат сестрите да се вратат на секуларниот живот, но молитвата ги обединува и нивната заедница не се распаѓа. Со Договорот (Конкордатот) меѓу Италија и Ватикан од 1929 година, манастирот е купен од Светата Столица. Но сестрите Класири за време на Втората светска војна доживуваат нови искушенија: во февруари 1944 година, 18 сестри ги загубија животите како последица од бомбардирањата. Меѓу страдањата и искушенијата во тие денови, посебно се одликува сестра Марија Клара која умира на 9 март 1948 и за која е во тек процес за беатификацијата.

Денес, сестрите Клариси од Кастел Гандолфо, своето послание го живеат со молитва и работа: секој ден од 7.30 до 13.00 часот, Црквата на манастирот е отворена за верниците за Евхаристиско обожавање, а во нивната работилница се обработува дрво за изработка на сакрални предмети. „За нас, ќерките на Света Клара од Асизи - велат монахињите - работата е дар од Бог, кој го воздигнува духот, работата е благодат и послание, таа е преплетување на Божјите раце и рацете на човекот во едно еднинствено креативно дело".







All the contents on this site are copyrighted ©.