2013-08-15 16:31:37

Египет: Нападнати 22 цркви од страна на Муслиманските браќа


Дваесет и два христијански цркви се нападнати, стотици се убиени, а илјадници се повредени. Ова е билансот од немирите во текот на изминатата ноќ во Египет. Насилствата започнаа по изведената полициска акција за ослободување на окупираните плоштади во Каиро - крај универзитетот и крај џамијата Рабат ал Адауија. Плоштадите беа заземени од страна на исламската организација „Муслимански браќа". Нападите врз црквите и верските објекти се главно во Каиро и во провинцијата Сохаг.

Меѓународната заедница ги осуди нападите и немирите во земјата. Меѓу убиените се двајца новинари и ќерката на Мохамед ал Белтаги, еден од лидерите на исламистичката група „Муслимански браќа". Во Александрија е нападната и познатата библиотека во градот.

Иран и Катар застанаа на страната на демонстрантите против египетската влада и побараа итно прекинување на насилствата. Турскиот премиер упати слично барање, свртувајќи се кон ОН и Арапската Лига. Од своја страна САД се изјасни против вонредната состојба прогласена во земјата и повикаа на почитување на човековите права.

„Очекувавме слична реакција од исламистите против активностите на полицијата", вели за Радио Ватикан католичкиот епископ на Асуит, Вилијам Кирилос. „Првата реакција - продолжува тој - беше да кажеме на западниот свет и Америка, дека земјата на овој начин не може да продолжи понатаму. Втората беше да побараме интервенција од западот. Ние сме убедени дека ова е крајот на исламистите, бидејќи Египет нема да го прифати нивното барање за формирање религиозна држава. Египет не прифаќа исламската држава, бидејќи сака да ја одвои религијата од државата ".

rv/asianews







All the contents on this site are copyrighted ©.