2013-08-13 15:27:59

Папата упати порака по повод 200 години од катедралата во Мексико Сити


Повод да се погледне кон минатото, сегашноста да се зајакне и да се подготви иднината. Со овие зборови папа Фрањо се обрати до кардинал Норберт Ривера Карера по повод 200 годишната на катедралата во Мексико Сити. Овој јубилеј ќе се слави на 15 август, на празникот „Успение на Пресвета Богородица". Во пораката Папата ги повикува верниците да имаат надеж, која се раѓа преку верата и да посветат големо внимание кон младите, кои се „отворена врата кон радоста и ентузијазмот".

Од историјата на овој храм, пишува Папата, можеме да извлечеме поука за нашиот христијански живот. Поради тоа Светиот Отец ги повика верниците да го земат најдоброто од тоа духовно наследство. На овој јубилеј, нагласува Светиот Отец, треба да се гледа како „повод за посилен духовен поттик за да се прифати со радост обврската што ја има секој крстен христијанин: да биде Христов ученик и мисионер ". Преку Евхаристијата, пишува Папата, „добиваме сила, за да можеме во секоја средина во која се наоѓаме да сведочиме за љубовта Христова, посебно меѓу најнеблагодарните. Истовремено, нагласува Папата, треба да го прифатиме предизвикот да „гледаме кон иднината со надеж". Никој да не ни ја одземе надежта", нагласува Папата и ги повика сите да имаат надеж. Папата Фрањо посакува Словото Божјо, што одекнува во катедралата, да се вкорени во срцата на децата и младите, кои „се отворена врата кон радоста и ентузијазмот". „На младите", наведува Светиот Отец „треба да им го дадеме најдоброто што го поседуваме: Христос, Спасител и Пријател кој никогаш не нѐ напушта". Ова, додава папата Фрањо, се однесува пред сè за родителите кои не треба да бегаат од нивната обврска децата да ги воспитуваат христијански, и да не се потпираат само на свои сили, туку пред сè да се потпрат на молитвата. Светиот Отец ја завршува својата порака доверувајќи ги сите верници во Мексико на Богородица од Гвадалупе, и ги повика да се молат за него.








All the contents on this site are copyrighted ©.