2013-08-10 12:33:08

Папата Фрањо формира Комитет за финансиска сигурност


Папата Фрањо во четврток 8 август потпиша документ Motu Proprio (по сопствена иницијатива) за превенција и борба против перењето на пари со што формира нов Комитет за Финансиска сигурност. Документот ќе стапи на сила од 10 август. Оваа иницијатива, пишува Папата, е насочена кон „промовирање на интегритетот, стабилноста и транспарентноста во финансиско-економските сектори“ и „превенција и борба против криминална активност“. Освен тоа Папата истакна дека со објавувањето на овој документ продолжуваат започнатите активности од неговиот претходник Бенедикт XVI со декрет во форма на Motu Proprio од 2010 година.

Целта на новоформираната ватиканската служба за Финансиска сигурност е да ги координира надлежните служби на Светата Столица во секторот на превенцијата и борбата против перењето пари, финансирањето на тероризмот и ширењето на оружје за масовно уништување. Документот предвидува проширување на примената на релевантните ватикански закони и во различните сектори на Римската Курија и другите органи и институции што зависат од Светата Столица, како и во непрофитните организации кои се канонско правни лица со седиште во ватиканската држава. Освен тоа документот ја одредува и функцијата за надзор и регулатива на ватиканската служба за финансиски информации. На крајот, одговарајќи на препораките на Комитетот „Мaнивал“(Мoneyval) на Советот на Европа, се дефинира улогата за надзор над организациите кои вршат активности од финансиска природа на професионално ниво, кој ќе биде изведен од службата за финансиски информации.







All the contents on this site are copyrighted ©.