2013-07-31 12:29:35

Папата Фрањо разговара отворено со новинарите за време на летот од Рио за Рим


Во авионот од Рио за Рим, папата Фрањо одговара спонтано на поставените прашања од страна на акредитираните новинари, и покрај уморот од неделата помината со младите. Со својот директен и искрен стил, папата Фрањо повторно ги изненадува новинарите, одговарајќи дури и на најделикатните и најконтроверзни прашања, како што се реформите во Институтот за верска активност, познат како „Ватиканска банка“, Ватиликс, геј лоби групите во Ватикан и дури за неговата црна кожена торба со која се качи на авионот, и која се претвори во светска вест број еден.

Посетата на Бразил
„Беше прекрасно патување, духовно ми делуваше многу добро“, така Папата, видливо задоволен од средбата со младите на Светскиот Ден на младите во Бразил ги искажа впечатоците од неговата прва Апостолска посета. „Средбата со луѓето секогаш е корисна“, продолжи, „секогаш можеме да добиеме нешто убаво од другите“. Во врска со загриженоста за неговата безбедност, Папата рече: „Во овие денови не се случи никаков инцидент и се беше спонтано. Со помала безбедност можев да бидам меѓу луѓето и да ги прегрнам без блиндирани автомобили. Безбедноста е да му веруваш на народот. Секогаш постои опасност некој пореметен да направи нешто, но Господ е со нас“. Папата им се заблагодари на организаторите и вработените од информативниот оддел за „драгоцената соработка“.

Институтот за верска активност
Папата изјави дека желбата за промени во Куријата е изразена уште од Генералните конгрегации на кардиналите пред конклавата. Потоа беше формирана, Комисија од осум кардинали следејќи ја токму таа линија за „созревање на односот помеѓу синодалноста и приматот. Предлозите за реформи се многубројни. За чувствителната тема на Институтот за верска активност, познат како „Ватиканската банка“, рече: „Мислев да го разгледаме ова прашање следната година, но програмата се промени поради познати причини. Како да се реформира и да закрепне? Некои сметаат дека е подобро да биде банка, други фонд за помош, а некои нудат да биде затворен фонд. Не знам што ќе се случи. Верувајќи му на персоналот ја формирав Комисијата. Во секој случај, потребни се транспарентност и интегритет“.

Фамозната црна чанта
Со иронија и многу природно, папата Фрањо одговара на поставеното прашање за „мистериозната“ црна чанта, која лично ја носеше при искачувањето на римскиот аеродром: „Тоа не беше црна чанта со клуч за атомска бомба! Ја носам со мене, бидејќи секогаш правам така. Што има внатре? Бројаница, молитвеник, бележник, една книга за Света Тереза кон која чувствувам голема побожност ... Кога патувам секогаш носам торба: Тоа е нормално и мора да бидеме нормални!“.

Зошто секогаш инсистира да се молат за него
„Секогаш сум сакал да се молат за мене. Кога бев свештеник го сакав тоа помалку, а како епископ повеќе. Чувствувам многу ограничувања и проблеми, освен тоа и јас сум грешен. Оваа желба ми доаѓа одвнатре. Барам и од Дева Марија да се моли за мене. Тоа е навика која доаѓа од срцето и чувствувам дека треба да ја барам молитвата од другите“.

Неговиот избор да живее во домот Света Марта
На прашање на новинар од Ројтерс за неговиот избор да живее во обични услови во религиозниот дом Света Марта, а не во папскиот стан, папата Фрањо одговори: „Не можам да живеам сам или со мала група! Имам потреба од луѓе и од разговар со нив ... Секој треба да живее онака како што Господ му вели да живее. Но сметам како целина, дека е потребно ограничување за сите кои ѝ служат на Црквата. Има многу нијанси на ограничувања ... секој треба да го најде својот пат“...„Познавам кардинали, свештеници, епископи, монахињи и верници, кои се молат, работат многу и помагаат на сиромашните ... тајно.“...

Реформи во Куријата
„Има светци во Куријата“ - продолжи Папата, но и „такви што создаваат скандали. Тоа ми предизвикува болка. Има еден монсињор, кој е во затвор (Нунцио Сара, сметководител во Ватикан). Мислам дека реномето на Куријата што го имаше претходно е паднато. Имаме потреба од верноста и работата на овие луѓе. Сеуште не среќавам отпор. Навистина, не сум направил уште многу нешта, но сретнав помош и лојалност. Сакам кога некој ќе ми каже: „Не се согласувам“. Тоа се најдобрите соработници. Има и такви кои пред тебе велат дека „сето тоа е многу убаво“, а потоа го велат спротивното. Но такви се уште не сум сретнал“.

Римскиот епископ не значи прв меѓу еднаквите
На прашањето зошто толку инсистира да се претставува како Епископ на Рим и дали тоа не ја содржи Екуменската смисла „прв меѓу еднаквите“, папата Фрањо одговори: „Смислата не треба да поминува над зборовите. Папата е епископ на Рим од што произлегува сето останато. Ова е прва титула, а потоа другите. Но да се мисли дека со тоа сака да се каже дека Петровиот наследник е „прв меѓу еднаквите“ (primusinter pares), значи да се помине над зборовите. Мислам дека титулата Римски епископ може да помогне за екуменизмот“.

Што значи да бидеш Папата
Какви чувства доживува Папата и дали тоа носи со себе некакви сомнежи, беше прашањето на шпански новинар. „Работата на епископот е нешто многу убаво. Проблемот е ако некој бара таква работа, нешто што не е многу убаво. Секогаш постои опасноста за супериорност над другите. Но работата на епископот е убава, но треба да биде пред верниците, меѓу нив и зад нив. Кога бев епископ во Буенос Аирес бев среќен. Како Папа? Исто така се чувствувам среќен. Особено кога Бог ќе те стави на ова место и ти го прифатиш она што тој го сака од тебе “.

Односите со Папата
На прашањето за односите со почесниот папа Бенедикт XVI, кој живее во манастирот Матер Еклезија во Ватикан, папата Фрањо рече: „Тоа е како да имате еден дедо во вашиот дом, но мудар дедо. Неговото присуство е за почит, тој е сакан и другите се слушаат со него. Бенедикт XVI е многу претпазлив и не се меша. За мене е како татко. Ако имам некаква тешкотија или нешто што не разбирам, му се јавувам по телефон: „Може ли да го направам тоа?“. Кога отидов кај него да зборуваме за големиот проблем со Ватиликс, тогаш ми кажа сосема едноставно ... кон служењето“.

Црковните свети тајни и разведените
На прашањето што е неговото мислење за општењето со разведените и повторниот брак, Папата Фрањо објасни дека тоа е „сложен проблем“, за кој ќе разговара со Кардиналскиот совет во октомври. „Се насочуваме кон подлабока пастирска дејност за бракот - рече Папата. Мојот претходник во Буенос Аирес, кардиналот Куарачино секогаш велеше: „За мене половина од браковите се неважечки, бидејќи луѓето се женат без да знаат дека бракот е засекогаш, а тоа го прават поради интерес, социјални причини и друго. Исто и темата за поништување треба да биде разгледана“.

Папа или исусовец
На прашањето дали откако е Папата се уште се чувствува исусовец, Фрањо одговори: „Исусовците треба да се потчинуваат на Папата, но ако Папата е исусовец, тогаш на кого се покорува? Можеби на генералниот настојател на Исусовците? Духовно се чувствувам исусовец. Не сум ја променил духовноста. Не сум фрањевец. Се чувствувам како исусовец и мислам како исусовец. Не е лицемерно, мислам како исусовец“.

Православните
Руски новинар го праша Папата да ја прокоментира прославата за 1025 - годишнината од христијанството во Русија. „Православните цркви ја зачуваа литургијата, која е многу убава. Ние го загубивме малку значењето на обожавањето. Православните го обожаваат Бог, пеејќи, без да го пресметуваат времето. Еднаш, во разговор за Западна Европа и Црквата во неа, ме потсетија дека светлината доаѓа од Исток (ех Oriente lux), а од Запад консумизмот и просперитетот, кои донесоа толку зло. Истовремено, православните ја задржаа Божјата убавина во центарот на животот. Кога се чита Достоевски се разбира суштината на руската душа. Имаме толку потреба од свежиот воздух на Истокот и неговата светлина“.

Канонизација на Иван ХХІIІ и Иван Павле II
Меѓу прашањата поставени на Папата беше и за претстојната канонизација на двајца папи: Иван ХХІIІ и Иван Павле II: „Ќе бидат прогласени за светци на иста литургискa церемонија - потврди папата Фрањо. Првично планиран датум беше 8 декември, но може да биде промене за пролет, бидејќи во овој период патиштата во Полска се замрзнати, а патувањето со автобус е опасно за повеќето верници, кои не можат да си дозволат да дојдат во Рим со авион“.

Геј и лобирањето
Последното поставено прашање за Папата беше како планира да го реши прашањето за геј лоби групите. „Многу се пишува за геј лоби групите, но досега не сум сретнал во Ватикан некој да има напишано „геј“ на неговата лична карта - рече папата Бергољо. Треба да се прави разлика помеѓу хомосексуални склоности и создавање на геј лоби групи. Сите лобирања не се добри. Ако еден хомосекусалец го бара Господ со добра волја, кој сум јас, за да го судам? Катехизмот на Католичката црква вели дека треба да се избегнува секое обележување и дискриминација кон лицата со таква наклоност и тие да бидат прифатени. Проблемот не е во постоењето на таква наклоност, туку во креирањето на лоби групите, истото важи и за лоби групите во бизнисот, политичкото лобирање, масонските и многу други лоби групи“. (В.Н.)








All the contents on this site are copyrighted ©.