2013-06-24 16:26:01

Црквата е повикана да го навестува Божјото Слово се до мачеништво


Црквата е повикана по примерот на свети Иван Крстител да го навестува Слово Божјо сè до мачеништво, истакна папата Фрањо за време на светата Литургија во понеделник, 24 јуни во домот Света Марта, на празникот Раѓање на свети Иван Крстител, нагласувајќи дека Црквата никогаш не смее да зема нешто за себе, туку секогаш да биде во служба на Евангелието.

На светата Литургијата на која сослужуваше кардиналот Џанфранко Равази, зедоа учество свештеници и вработени од Папскиот совет за култура, работници во Папската комисија за сакрална Археологија и вработени во Ватиканската филателистичка и нумизматичка служба.

Папата ја започна проповедта честитајќи им го именденот на сите што денес го слават светиот Иван Крстител. Ликот на Иван Крстител не секогаш е лесно да се разбере, рече Папата. „Размислувајќи за неговиот живот, гледаме дека е пророк, човек што пред сѐ бил голем, а завршил како „бедник“. Кој е навистина Иван? Папата вели дека тоа самиот Иван го објаснува: „Јас сум гласот, гласот во пустината“, но „тој е глас без Зборови, бидејќи тој не е Словото, тој е тој другиот“. Еве значи во што е тајната на Иван: „Тој никогаш не станува господар на Словото“, Иван е „тој што укажува, оној што покажува“. „Смислата на животот на Иван е да покаже на Другиот“. Папата Фрањо истакнува дека е воодушевен од фактот што Црквата го слави Иван Крстител во ова годишно време во кое деновите се многу подолги, најдолги во годината, „и имаат најмногу светло“. „Навистина, Иван бил човек на светлото, носел светло, но тој самиот не бил светло, туку само одраз на светлото“. Иван е „токму како месечината“, бидејќи во моментот кога Исус започнува да проповеда, светлина на Иван започнува да се намалува и да заоѓа“. „Глас, а не Слово. Светло, но не лично“, рече Папата.

„Иван како да не е ништо. Ова е Ивановиот повик - да се понизиме (Иван 3, 30). Размислувајќи над животот на овој човек, толку голем и моќен дури да биде сметан од сите за Месија, размислуваме над животот што се понизува сè до мракот на темнината, размислуваме за големото таинство. Не ни е познато како поминувале последните денови на Иван. Не го знаеме тоа. Единствено знаеме дека бил убиен, знаеме дека неговата глава е донесена на тацна како голем дар за една танчерка, за една прељубница. Верувам дека пониско од тоа не може да се падне. Таков бил крајот на Иван“.

Во темнината, продолжи Папата, Иван поминува низ сомнежот и маката, па ги праќа своите ученици кај Исус за да го прашат: „Ти ли со Тој, или да чекаме друг?“. Неговиот живот претставува вистинска темнина и болка. Од ништо не бил поштеден, рече Папата и додаде: „Ликот на Иван ме поттикнува да размислувам интензивно за Црквата“.

„Црквата постои за да навестува, за да биде глас на Словото, глас на својот вереник, кој е Слово. Црквата постои за да го навестува тоа Слово, сè до мачеништво. Мачеништво од рацете на злите, најзлите на земјата. Иван можел да се смета за важен, можел да зборува за себе. Но не го направил тоа. Покажувајќи на Другиот, се сметал себеси за глас, а не за Слово. Ивановата тајна. Зошто Иван е свет, без грев? Затоа што никогаш вистината не ја сметал за своја сопственост. Не сакал да биде идеолог. Тој е човек што се одрекол од самиот себе за да расте Словото. А ние, како Црква, можеме да молиме милост за да не станеме една идеализирана Црква...“

Црквата мора да го слуша Исусовото Слово и да стане негов глас, храбро, навестувајќи. „Тоа е Црква без идеологија, без сопствен живот: Црквата е таинство на месечината, таа ја прима својата светлина од Вереникот и се намалува за да расте Тој“.

„Таков пример ни дава денес Иван, пример за нас и за Црквата, за Црквата, секогаш, да биде во служба на Словото, никогаш не барајќи нешто за себе. Денес се молевме за благодат на радоста, му се молевме на Господа да ја направи Црквата радосна во служењето на Словото, да стане глас на Словото, без лични идеи, без приватизирање на Евангелието, да стане Црква - глас што покажува на Словото сè до мачеништво. Нека биде така!“.








All the contents on this site are copyrighted ©.