„Исус Христос, кој живее во својата Црква, е извор на надеж за Европа“- порака од
апостолскиот документ „Ecclesia in Europa“, исполнета со надеж која пред десет години
ја објави Иван Павле II, изгледа пророчка и многу актуелна. Имено, изгледа дека континентот
се наоѓа во период на изгубеност и губење на надежта. Во ова кризно време, бројни
граѓани се чувствуваат дезориентирани и разочарани од националните и меѓународните
институции.
Во Европа, во 2013 година како да е поголем бранот на несигурност
отколку желбата за иднина. Но, оваа криза, која не е само економска, туку и културолошка,
антрополошка, етичка и духовна, претставува можност Европа да се ослободи од практичниот
агностицизам и верската рамнодушност и повторно да се одлучи за својата иднина во
средба со Личноста и пораката на Исус Христос, како што пишува во „Ecclesia in Europa“.
По
повод 10 годишнината од спомнатиот документ во Кармеликанскиот манастир во Будимпешта
од 12-15 јуни се одржа средба на гласноговорници и медиумски соработници на Црквата
во Европа. Во документот кој е објавен на 17 јуни, Советот на европските бискупски
конференции (CCEE) ги изнесе главните заклучоци од собирот. Главниот предизвик е да
се разбере кој денес во Европа е човек и каде оди – истакнато е во соопштението. Католичката
Црква може да биде со него и да му помага да ја вклопи евангелската порака во неговото
секојдневно искуство, предлагајќи му ја личноста на Исус и вредностите содржани во
Неговото Евангелие, со нови зборови и современи средства, како и во комуникациска
област – стои помеѓу останатото во документот. Бројни предавачи на собирот се осврнале
на исто така бројни теми, меѓу кои било и појавувањето на таканаречените „нови права“
и предизвиците кои ги поставува родовата теорија и евтаназијата.