2013-06-01 14:44:48

Папата Фрањо: Да слушаме, одлучуваме и делуваме како Богородица


Со служба на Словото и медитација во петок 31 мај папата Фрањо на плоштадот Свети Петар ја затвори мајската побожност кон Пресвета Богородица. На неколку десетици илјади верници присутни на плоштадот папата Фрањо се обрати со следните зборови: Да го слушаме Словото Христово и да не ги следиме илјадниците зборови од овој свет. Марија знаеше како „се слуша Бог“. Светата Бројаница ја предводеше кардинал Анџело Комастри. Светлината од илјадниците свеќи ја следеа статуата на Пресвета Богородица, која помина низ плоштадот Свети Петар. Папата присуствуваше на светата Бројаница, а во своето размислување ги повика верниците да покажат разбирање, милосрдие и да дадат помош на ближните, посебно на оние кои се во најголема потреба, како што тоа го правеше Богородица.

Да слушаме, одлучуваме и делуваме како Богородица. На овие три моменти се задржа Папата во своето размислување.

Да се слуша не означува вообичаено слушање, туку да покажеме внимание и отвореност кон Бог, појасни Папата. Тоа е поинаков начин од расејаниот начин на слушање со кој се застанува пред Господ или пред другите: ги слушаме зборовите, но не ги чуваме. Марија внимателно го слуша гласот Божја и ја доловува длабоката смисла на кажаното.

Тоа се однесува и за нашиот живот да слушаме во нашето секојдневно делување, да свртиме внимание на другите и на кажаното, бидејќи Господ тропа на вратата од нашиот живот на различни начини и дава знаци на нашиот пат; ние треба да ги видиме.
Марија е „учителка“ и при донесувањето одлуки, дополни папата Фрањо. Откако ги слушна зборовите на Ангелот, Девицата длабоко размислува во своето срце и донесува одлука без да се вознемирува и без да се колеба да плива против струјата, бидејќи „нема ништо невозможно за Бог“.

Во животот тешко се донесуваат решенија и често пати ги одложуваме, оставајќи другите да решаваат за нас, често пати оставаме да се донесат според трендот, следејќи ја актуелната мода. Понекогаш знаеме што треба да правиме, но немаме храброст или пак ни изгледа многу тешко, бидејќи треба да пливаме спротивно на струјата.

Делувањето на Марија е третиот момент, за кој говореше Папата, при што обрна внимание на брзината со која Богородица се упати кон домот на Елисавета (Лука 1, 29). Нејзината одлука е резултат од слушањето на зборовите на Ангелот, придружено со милосрдие: оди кај Елисавета, за да и биде од помош, ова нејзино излегување од својот дом и од себе е поттикнато од љубовта, таа го носи најскапоценото: Исус.

Понекогаш ние исто така слушаме и се размислуваме за она, кое треба да го направиме и можеби имаме нејаснотии за одлуката која треба да ја донесеме, но немаме храброст да започнеме да делуваме. Но најчесто не се брзаме да отидеме кај другите за да им помогнеме, да го покажеме нашето разбирање и нашето милосрдие; Да го однесеме, како и Марија најскапоценото што го поседуваме – Исус и неговото Евангелието – пред се со добар збор и конкретно сведочење на нешето делување.

Молејќи кон Мајката на Спасителот, примерот како се слуша, одлучува и делува, Папата ја упати следната икона:

„Маријо, жена на слушањето помогни да го слушнеме Словото на Твојот Син Исус меѓу илјадниците зборови од овој свет. Помогни ни да ја слушнеме реалноста во која живееме и секој човек кој го среќаваме, посебно сиромашните и оние во потреба. Маријо, жена на решителноста, осветли го нашиот разум и срце за да бидеме послушни на твојот Син Исус, без да се колебаме; дарувај ни храброст за да бидеме одлучни и да не дозволиме другите да одлучуваат за нашиот живот. Маријо, жена на делувањето, помогни нашете раце и нозе да „брзаат“ кон другите за да го покажеме мислордието и љубовта на твојот Син, за да ја покажеме на светот, како тебе, светлината на Евангелието.“










All the contents on this site are copyrighted ©.