2013-05-16 17:29:34

Папата Фрањо: Црквата има потреба од апостолски жар, а не од исплашени христијани


Црквата има голема потреба од апостолски жар кој нè поттикнува да одиме напред во навестувањето на Исус. Ова го истакна денес папата Фрањо за време на литургијата во капелата на домот Света Марта. Заедно со Папата сослужуваа кардинал Петер Турксон и монсињор Марио Тозо, претседател и секретар на одделот за „Правда и мир“, како и група вработени во домот Света Марта и Радио Ватикан.

Целиот живот на свети Павле бил „една тешка битка“, еден „живот со многу искушенија“. Папата Фрањо ја посвети својата проповед на апостолот на народите, кој минува „од искушение во искушение“, но не се откажува. Судбината на Павле, истакна Папата, е „судбина со многу крстови, но тој оди напред; го гледа Господа и оди напред“:

„Павле предизвикува проблеми во општеството: тој е човек кој со својата проповед, со својот труд, со своето однесување пречи, бидејќи го навестува Исус Христос, а навестувањето за Исус Христос во нашите понекогаш удобни структури - дури и христијански - пречи. Господ бара од нас да одиме напред и само напред ... Сака да не се затвораме во еден спокоен живот или во преодни структури. Затоа, проповедајќи го Христос, Павле предизвикуваше проблеми. Но тој одеше напред, бидејќи го имаше во себе христијанското однесување исполнето со апостолска храброст. Имаше апостолски жар. Тој не беше човек на компромиси. Не! Вистината: напред! Навестувањето на Исус Христос: напред!“

Се разбира, истакна папата Фрањо, Свети Павле беше еден „огнен човек“. Но тука не станува збор само за неговиот темперамент. Овде, во оваа тешка битка се вмешува и Господ.

Господ е, тој што го поттикнува да „оди напред“, да сведочи и во Рим:

„Патем, мене ми се допаѓа, фактот дека Господ се грижи за оваа епархија, уште од тоа време ... Ние сме привилегирани! Апостолскиот жар не е ентузијазам за власт, за нешто. Тој е нешто што доаѓа одвнатре, што самиот Господ го бара од нас: сака да бидеме христијани со апостолски жар. А од каде доаѓа овој апостолска жар? Доаѓа од познавањето на Исус Христос. Павле го наоѓа Исус Христос, го среќава Исус Христос, но не преку интелектуалното или научното познавање - тоа е исто така важно, бидејќи ни помага - но во прв ред, го сретна со срцето, преку лична средба“.

Ето тоа го поттикнува Павле да оди напред „да го навестува секогаш Исус“. И додаде: „Тој е секогаш заплашуван, но не е заплашуван поради него самиот, туку заради Исус“, известувајќи го Исус „последиците се овие“. Ваквиот апостолски жар „содржи доза на лудило, но духовно лудило, здраво лудило“. А Павле го поседуваше тоа „здраво лудило“. Папата ги повика сите верни да го бараат ова лудило од Светиот Дух, да расте во нас апостолскиот жар, кој не мора да припаѓа само на мисионерите. Од друга страна, предупреди дека и во Црквата има „рамнодушни христијани“, кои „не чувствуваат дека одат напред“.

„Има и салонски христијани. Воспитани, прават сѐ добро, но незнаат да бидат синови на Црквата со навестувањето и апостолскиот жар. Денес можеме да бараме од Светиот Дух, кој го дава овој апостолски жар на сите нас, да ни даде благодат за да ги спречиме премногу мирните нешта во Црквата; да ни даде благодат за да одиме напред преку егзистенцијалните периферии. Црквата има голема потреба од тоа! Не само да одиме во далечните земји, во младите Цркви, меѓу народи кои уште не го познаваат Исус Христос, туку во градовите, во сопствениот град, и таму има потреба од навестување за Исус Христос. Да ја побараме од Светиот Дух оваа благодат за апостолски жар, за да бидеме христијани со апостолски жар. И ако на некого пречиме, нека биде благословен Господ. Напред, како што Господ му вели на Павле: „Храброст“! (В.Н.)








All the contents on this site are copyrighted ©.