Алијанц го прогласи отец Ломбарди за „Комуникатор на годината“
Осигурителниот концерн „Алијанц“ го прогласи ватиканскиот портпарол отец Федерико
Ломбарди за „Комуникатор на годината“, а по предлог на одговорните за комуникација
на филијалите на компанијата од целиот свет, собрани на состанокот во Рим. Мотивацијата
за наградата се „решителниот пример на рационалност и ветувачка мисла, секогаш во
прв ред со чисто срце и со убедувачки аргументи. Способност да ја задоволи сложеноста
со иронија, но не површно.“ Според комуникаторите на Алијанц, 70 годишниот исусовец,
поранешен портпарол на папата Бенедикт ХV и сегашен на папата Фрањо, „претставува
клучна фигура за интерпретацијата на Светата Столица, поседува голема култура и искуство,
без да биде главниот протагонист. Учител по реторика, способен да ги намали тензиите
со едноставност и слушање, но истовремено со сигурност и компетентност“. Заблагодарувајќи
се на претставниците на „Алијанц“, отец Ломбарди истакна дека секогаш се стремел да
ја охрабри комуникацијата на Црквата, гледајќи ја повеќе како „распоредена, а не централизирана".
Ватиканскиот портпарол истакна дека „Црквата има своја карактеристика и присуство
во различни делови на светот, како и можност за пристап до различни ситуации. На оваа
база ние се стремиме да ја дадеме потребната информација и во таа смисла за нас е
многу важно да имаме позитивни односи со епископските конференции“.