2013-04-18 12:00:34

Папата Фрањо: Христијаните треба да ја откријат одговорноста произлезена од Крштението


Црквата не може да биде „бебиситер“ на христијаните, туку „мајка“ и затоа христијаните треба да ја откријат својата одговорност произлезена од Крштението. Тоа го истакна папата Фрањо за време на Литургијата, која ја служеше во среда наутро во домот Света Марта во присуство на претставници од Институтот за верска активност, познат како Ватиканска банка.

Повикувајќи се на евангелскиот извадок од Делата на светите Апостоли (Дела 8, 26-40), Папата се задржа на животот на првата христијанска заедница во Ерусалим, која живееше во мир и љубов, но по мачеништвото на свети Стефан беше жестоко прогонувана. „Многу верници бегаат во Галилеја и во Самарија и тука го проповедаат Евангелието, иако се сами, без свештеници, сепак сѐ исполнети со „силата на Крштението“.

„Првите христијани го напуштиле својот дом и зеле со себе малку нешта; немале ништо, но оделе од место во место, за да го навестуваат Словото - рече Папата. Со себе го носеле само богатството на верата. Она богатство што им беше дадено од Господ. Тие биле обични верници крстени пред година и пол, но имале храброст да го навестуваат Божјото Слово. Тие верувале! И правеле чуда“.

„Дали и ние денес ја имаме оваа сила и дали веруваме во тоа?“, запраша реторички папата Фрањо. „Дали Крштението е доволно за евангелизација? Или очекуваме свештеникот или епископот да ни кажат ... “. Многу често „благодатта на Крштението е затворена и ние сме заглавени во нашите мисли и работи. Или понекогаш мислиме дека добивајќи го Крштението, Миропомазанието и Првата Причест нашиот христијански идентитет е во ред и можеме да спиеме мирно. Но каде е силата на Светиот Дух, кој нѐ придвижува напред“?

Треба да му бидеме верни на Светиот Дух, за да го навестуваме Исус со нашиот живот, сведоштвото и зборовите, истакна Папата. „Кога го правиме тоа, Црквата станува Мајка која ги родила своите деца. Но кога не го правиме тоа, Црквата станува „бебиситер“ која го заспива детето. Ова е заспана Црква. Да размислиме за нашето Крштение и одговорноста од него“.

Папата Фрањо потсети на прогоните во Јапонија во ХVІІ век кога католичките мисионери се протерани, а христијанските заедници остануваат цели 200 години без свештеници. При нивното враќање, рече Папата, тие ги наоѓаат сочувани „сите заедници, сите крстени, сите катехетизирани и сите што склучиле брак во Црквата“.

„Ние, крстените, носиме голема одговорност: да го навестуваме Христос и да го пренесуваме плодоносното мајчинство на Црквата - истакна Папата. Да се биде христијанин не значи премин во кариера, да станеш адвокат или доктор. Да се биде христијанин е дар кој нè упатува да чекориме напред со силата на Светиот Дух и со навестувањето на Исус Христос“.







All the contents on this site are copyrighted ©.