Папата назначи нов секретар на Конгрегацијата за богопосветен живот
Папата Фрањо го именува за секретар на Конгрегацијата за институти со богопосветен
живот и заедници со апостолски живот генералниот провинцијал на малите браќа од редот
на свети Фрањо, 59-годишниот Шпанец отец Хозе Родригез Карбало, назначувајќи го истовремено
и за архиепископ. Новиот епископ го започнува своето образование во Сантијаго де Компостела,
по што специјализира во Ерусалим. Во 1977 година е ракоположен за свештеник во црквата
Свети Салваторе во Назарет.
По враќањето во Шпанија, зазема различни позиции,
меѓу кои и гвардијан, ректор во манастирот на Свети Фрањо во Сантијаго де Компостела,
како и духовник за браќата со времени завети. Во овој период исто така е и професор
по теологија. Во 1992 година е избран за провинцијал во Сантијаго де Компостела, а
од 1993 година до 1997 година е претседател на Сојузот на провинцијали на фрањевците
во Европа. На 5 јуни 2003 година е избран за генерален провинцијал на Редот на Малите
браќа, станувајќи така 119-от наследник на свети Фрањо од Асизи, назначување кое е
продолжено во 2009 година за уште шест години.
Член e на Конгрегацијата за
eвангелизација на народите и на Институтите за богопосветен живот и заедниците со
апостолски живот. Отец Карбало учествува на Епископските синоди во 2005, 2008 и 2012
година, како и на синодата за Блискиот Исток во 2010 година. Учествува на Петата Генерална
конференција на епископите од Латинска Америка во Апаресида во 2007 година. Автор
е на бројни пишани трудови за богопосветениот и духовниот живот, за пасторална теологија,
за Светото Писмо и фрањевската духовност. Автор е и на многу книги. Монсињор Карбало
зборува шпански, англиски, француски, италијански, португалски и има познавање на
латинскиот јазик, грчкиот и еврејскиот јазик.