2013-04-04 09:09:55

Светата Столица го поздрави меѓународниот договор за трговијата со оружје


„Важен резултат со кој се воведува принципот на законитост“, така Папскиот совет за Правда и мир го прокоментира одобрениот прв историски меѓународен договор за трговијата со конвенционално оружје, изгласан вчера на Генералното собрание на ООН. Светата Столица го поздрави текстот на документот по многубројните апели за осмислување на правилата за трговија со оружје во името на безбедноста на луѓето, упатени преку постојаниот претставник на Светата Столица во ООН монсињор Френсиз Чуликат.

„Резултатот е историски, исто така и од гледна точка на социјалната доктрина на Црквата, бидејќи ќе влијае во политиката и дипломатијата - објаснува Виторијо Алберти од Папскиот совет за Правда и мир. Договорот е важен, бидејќи го воведува принципот на законитост, посебно таму каде што тенденциозно отсуствува. Овој резултат зборува и за цивилизираност“.

Во почетокот на седницата во Њујорк, монсињор Чуликат ја изрази надежта на Светата Столица за „ефикасен и убедлив договор“, кој ја става во центар човечката личност со нејзините права. Виторијо Алберти објаснува колку многу потпишаниот договор ќе влијае на заштитата на човековите права:

Тешко е да се зборува за заштита на човековите права, кога се зборува за оружје. Тоа значи компромис, но не во негативна смисла: идеално би било градење политика на мир, каква посакува енцикликата на Иван ХХІІІ Pacem in Terris (Мир на Земјата), чија 50-годишнина ја славиме оваа година. Дури и во овој договор се чувствуваат историските и објективните тешкотии во заштитата на човечката личност, но воведувањето на правниот критериум за законитост е посебно позитивен факт. Патот до овој договор имаше различна динамика, но на крајот ние сме задоволни од постигнатиот резултат. Се надеваме дека секоја земја ќе ја преземе одговорноста за конкретното правно спроведување на овој принцип. Историјата има свој тек, но исто така и дипломатијата на Светата Столица ќе продолжи да инсистира за целокупната и целосна заштита на човекот“. /н.в./








All the contents on this site are copyrighted ©.